Zylfije Adem Jakupi
31 Декември 2022•Ажурирај: 01 Јануари 2023
ПРИШТИНА (АА) - Нема никакви тајни договори, имаше состанок со КФОР, ЕУЛЕКС и со амбасадорите на Квинта (на земјите САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција), особено со амбасадорот на САД, изјави косовскиот премиер Албин Курти по повод обвинувањата од страна на косовската опозиција дека барикадите во северниот дел на Косово се отстранети откако е постигнат таен договор со Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Курти во интервју за агенцијата КосоваПрес истакна дека единствено им е дадена гаранција на меѓународните претставници дека нема листа за приведување на Срби. Категорички ги отфрли и обвинувањата дека е дадена гаранција за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство во Косово.
Премиерот рече дека Владата на Косово дала простор и време КФОР да ги отстрани барикадите, но тоа не би можело да трае бесконечно и Косовската полиција и самата би ги отстранила, но на состаноците е забележано нивно засилено ангажирање во насока на отстранувањето на барикадите.
„Му оставивме повеќе време на КФОР затоа што од информациите до кои дојдовме беше јасно дека во северниот дел на Косово почнале да се движат лица кои или директно биле вклучени или имале врска со Вагнеровите платеници, со парамилитарната формација Ноќни волци, користејќи тактика која личи на онаа од 2014 година во Украина, кога е користена операцијата „Маскировка“ на начин да се досегне до територијата на спротивната страна, тогаш во Украина, а сега кај нас во северниот дел на Косово“, истакна Курти.
Тој додаде дека поради сето тоа постои двојна будност, а барикадите не биле толку против Владата на Косово, колку што биле барикади против политичкиот плурализам меѓу српската заедница на Косово.
„Тоа беа барикади повеќе против Ненад Рашиќ и Раде Трајковиќ, отколку против Албин Курти“, изјави Курти, нагласувајќи ја својата увереност дека истиот мотив за гушење на политичкиот плурализам меѓу косовските Срби довел и до убиство на Оливер Ивановиќ, пред речиси пет години.
„За нас е неприфатливо еден дел од нашата територија да го контролира Србија“, порача Курти.
Во врска со префрлувањето на обвинетиот Дејан Пантиќ (56) од затворски во домашен притвор, Курти рече дека смета дека Пантиќ поради лошата здравствена состојба и поради штрајкот со глад ќе биде префрлен во болница на лекување, а не во домашен притвор, имајќи предвид дека е обвинет за тероризам. Курти додаде дека правосудството е независно од Владата на Косово.
Косовскиот премиер уште еднаш ги повика сите српски граѓани, особено оние кои претходно немале можност да се вработат, да се пријават на конкурсите за вработување во косовските институции. Курти рече дека не сака местата што останале празни по излегувањето на стотина Срби од Косовската полиција, да бидат пополнети со вработување на Албанци.
Курти најави дека и следната година ќе биде издвоен буџет од неколку милиони евра за сите претпријатија кои ќе имаат мултиетничка структура на вработени.