Zülfiya Yakup
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Вонредната седница на Собранието на Косово, на којашто на барање на опозицијата се дискутира за ангажирањето на претседателот на Косово, Хашим Тачи „размената на територии“ или „коригирање на границите“, да се вклучи во дијалогот меѓу Косово и Србија. На седницата не присуствуваат пратениците од Српската листа, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (LDK), Авдула Хоти, во име на предлагач изјави дека однесувањето на Тачи во август во Австрија, кога од дијалогот ги исклучил ЕУ и САД, барајќи само тој и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да преговараат е скандалозно и неуставно. Хоти нагласи дека само косовското Собрание има право да преговара и да потпишува меѓународни договори, и дека и референдум може да свикува само Собранието.
„Дискурсот на Тачи дека наводно има меѓународна поддршка за овој процес, е измама од три причини. Прво, размена на териториите не е резултат на промена на политиката на нашите партнери, тоа е идеја на Белград и Москва за да се спречи консолидацијата на државата Косово. Второ, размената на териториите не обезбедува членство на Косово во ОН, зошто Кина би го променила својот став за ова прашање? И трето, размената на територии не му дава на Косово јасна перспектива кон Европската Унија, бидејќи позицијата на Шпанија во врска со независноста на Косово не се менува со размена на територии“, рече Хоти.
ЛДК предложи косовското Собрание да усвои Резолуција со само една точка: „Територијата на Република Косово е една и неделива, и ниту претседателот на Косово, ниту кој било друг, нема мандат да преговара за територијата на Република Косово“.
Според Хоти, оваа Резолуција не значи прекин на дијалогот со Србија, но со неа се воспоставува црвената линија во дијалогот со Србија. Тој рече дека дијалогот треба да продолжи по нови избори.
Шефот на пратеничката група на Демократската партија на Косово (PDK), Мемли Красниќи, истакна дека оние кои шпекулираат за можна поделба на Косово без основа, намерно шират паника меѓу граѓаните на Косово, и дека на Косово му се заканува опасност од формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство со извршни овластувања, што, според него, би довело до босанизација на Косово. Затоа, како што рече, Собранието јасно треба да стави до знаење дека такво нешто нема да се случи и дека консензусот за дијалогот со Србија е повеќе од пожелен.
Во име на ПДК тој предложи неколку точки на Резолуцијата, меѓу кои и изработката на заедничка платформа за дијалог, формирање на посебна парламентарна Комисија која ќе ги надгледува преговорите и вклучување на опозицијата во владината делегација за дијалог со Србија.
Глаук Коњуфца, шефот на парламентарната група на опозициското движење „Самоопределување“ истакна дека најголемата штета што претседателот Тачи му ја нанесува на Косово е употребата на терминологијата дека станува збор за финалната фаза од дијалогот со Србија.
Во дискусијата што следеше се слушнаа меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, додека претседателот на Собранието на Косово и претседателот на ПДК, Кадри Весели, ги повика политичките партии на усвојување на заедничката Резолуција, со која би се согласил и претседателот Тачи.