Zülfiya Yakup
08 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
ПРИШТИНА (AA) - Високата претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини, се состана денес во Брисел со членовите на Преговарачката екипа на Косово за дијалог со Србија, која ја именуваше Собранието на Косово на 15 декември 2018 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Надворешнополитичката служба на ЕУ (EEAS) соопштено е дека Могерини го поддржала именувањето на косовската делегација, и оценила дека „присуството на Преговарачката екипа во Брисел го гледа како демонстрација на приоритети кои косовските власти ги даваат на процесот на нормализација на односите со Србија, која се бара на европскиот пат на Косово и за која е потребна заедничка работа на дијалогот помеѓу Приштина и Белград, со помош на ЕУ“.
„Состанокот беше можност за размена на мислења со претставниците на Косово за дијалогот. Во овој контекст, високата претставничка ја повтори итноста на укинувањето на царинските тарифи, кои Владата на Косово ги воведе кон крајот на минатата година“, пишува во соопштението на Надворешнополитичката служба на ЕУ.
Се наведува дека за постигнување на севкупно правно-обврзувачки договор за полна нормализација на односите на Белград и Приштина е потребна клима која придонесува кон добрососедски односи, при што се почитуваат и спроведуваат претходните договори, а се избегнуваат потези и изјави што не се во согласност со крајните стратешки цели и интерес.
Преговарачката екипа на Косово за дијалог со Србија ја предводеа копретседавачите Фатмир Лимај и Шпенд Ахмети.