Admir Fazlagic
10 Јуни 2020•Ажурирај: 13 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Општина Велес, како една од општините во Република Северна Македонија во која живеат значителен број Бошњаци, го прифати барањето за одбележување на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, соопшти заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците во Република Северна Македонија, Неџат Мехмедовиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-министерот Мехмедовиќ во неговата објава на социјалните мрежи информираше дека е прифатен предлогот упатен на 2.6.2020 година од страна на иницијативниот одбор до градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, а кој се однесува на достојното одбележување на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница на територијата на една од општините во државата во која живеат Бошњаците.
„Како иницијатори предлагаме хортикултурно уредување во еден од парковите или слободните делови на територијата на Општина Велес, на простор од околу 20 м2. Предлогот се однесува на хортикултурно уредување на просторот во обликот на „Цветот на Сребреница“ во дијаметар (пречник) во зависност од можностите и изборот на просторот за уредување“, истакна Мехмедовиќ во објавата.
Тој додаде дека постоечките мерки за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), како денес, така и на денот на одбележувањето, 11 јули, ги спречуваат во организирањето на собири или патувања со кои би ја одбележиле 25-годишнината од геноцидот, која како Бошњаците, така и голем дел други граѓани од Република Северна Македонија на различни начини ја одбележуваат секоја година.
„Со цел достојно одбележување на оваа, за нас, значајна годишнина, упатуваме барање до Општина Велес, како една од општините во Република Северна Македонија во која живеат значителен број на Бошњаци, за одбележување на годишнината од геноцидот на алтернативен начин, кој воедно ќе остави траен белег на пријателските односи помеѓу Македонците и Бошњаците, кои на територијата на Општина Велес се на особено високо ниво“, истакна Мехмедовиќ, кој информираше дека иницијатори на овој предлог се тој, Алмира Папиќ, претседателка на бошњачкото здружение „Шадрван“, и Сенида Чизмиќ, граѓанска активистка.
Во објавата, тој потсетува дека на 11 јули 2020 година се одбележуваат 25 години од геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина, во кој во 1995 година беа убиени 8.372 недолжни граѓани.