Admir Fazlagic
03 Мај 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, утрово ја започна работната посета на Сојузна Република Германија со средба со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, на средбата биле отворени темите поврзани со европските интеграции на РСМ, како и последните актуелности од регионален аспект.
Се додава дека главниот фокус на средбата бил ставен на заокружувањето на стратешката цел на земјата, членството во Европската Унија, а во тој контекст било дискутирано и за амбициите на регионалните иницијативи како што е Берлинскиот процес.
Османи го информирал Мас и за реформите за јакнење на правната држава и за борбата против корупцијата, при што било посочено дека оваа битка ќе остане непристрасна и неселективна и ќе биде направено сѐ да се задржат и оваа година високите оценки кои континуирано, Северна Македонија ги добива од Европската комисија.
„Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор: операционализација на одлуката за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамки и одржување на првата Меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евроинтеграцискиот процес“, истакна Османи, дискутирајќи за можностите за имплементација на одлуката за почеток на преговорите.
Во оваа прилика, Османи изрази благодарност за континуираниот ангажман на Германија, особено за личниот ангажман на министерот Мас, за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија.
На средбата, соговорниците разговарале и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, состојбите поврзани со пандемијата на Ковид-19, актуелните прашања од доменот на меѓународната политика, како и за соработката во бројните мултилатерални организации.
Во таа насока, Османи иницирал создавање на стратешко партнерство меѓу Сојузна Република Германија и Република Северна Македонија, што би било особено важно за забрзување и продлабочување не само на европските интегративни процеси, туку и на економската соработка меѓу двете земји.
„Потврда за успешноста на билатералната соработка е фактот што Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Над 200 компании од Германија се партнери на нашите компании, каде работат преку 20 илјади наши граѓани. Често повторувам затоа што лично сметам дека бизнисот треба да ги предводи дипломатските односи меѓу земјите и затоа посакувам многу повеќе германски бизнис кај нас“, рече Османи.
Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.