СКОПЈЕ (АА) – КАЈХАН ЃУЛ/ФУРКАН АБДУЛА
По консултативниот референдум што се одржа во неделата во Македонија за Договорот од Преспа, Македонија ја очекува интензивна агенда, пишува Anadolu Agency (AA).
Овој референдум за Договорот помеѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името на државата во „Република Северна Македонија“, претставува и клуч за членството на Македонија во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ, се смета за неуспешен поради недоволната излезност, иако 91,46 отсто од гласачите што излегоа на гласање гласаа „за“.
Каков и да е резултатот на овој референдум, за прифаќање на Договорот од Преспа потпишан меѓу Македонија и Грција потребна е поддршка од две третини на пратениците во Собранието на Македонија, односно 81 пратеник од вкупно 120 во македонското Собрание треба да гласаат „за“.
Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев, кој ја поддржува опцијата „за“, ќе врши преговори со опозицијата која бојкотира, за да ја побара нивната поддршка за прифаќање на Договорот. Се очекува дека во текот на оваа недела ќе се случуваат преговорите за гласањето во Собранието.
Во случај Договорот да не биде прифатен во Собранието, на дневен ред ќе се појави сценариото за предвремени избори.
Премиерот Заев, во своето обраќање вечерта на 30 септември, истакна дека гласот на граѓаните, волјата на оние што гласаа на овој консултативен референдум, треба да се претвори во политичка активност во Законодавниот дом. Тој нагласи дека очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале. „Во спротивно, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш“, додаде Заев.
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека гласачите кои не гласале или гласале „против“ се против промена на името на државата, и упатиле порака дека „ова е Македонија“.
Мицкоски нагласи дека овој референдум е пораз и на Договорот постигнат со Грција и на Владата, и дека Заев треба да се подготви за пензија, а не за предвремени избори.
Главната причина зошто се брзаат за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција е тоа што овој договор може да биде невалиден во случај сегашната власт во Грција да ја изгуби власта на парламентарните избори што ќе се одржат во Грција. Исто така, се вели дека може да се случи слично сценарио и во Македонија во случај земјата да оди на предвремени избори, и сегашната власт да изгуби на изборите.
- Западот го смета референдумот за успешен
Иако излезноста на референдумот не е доволна за овој референдум да се смета успешен, претставниците на ЕУ и НАТО го поздравија резултатот, односно тоа што стапката на гласовите „за“ беше многу поголема.
Еврокомесарот Јоханес Хан им честиташе на граѓаните кои гласаа на референдумот, и рече дека очекува политичките лидери во земјата да ја почитуваат волјата на граѓаните.
Хан рече дека Договорот од Преспа доби широка поддршка од граѓаните со гласот „за“.
„Им честитам на оние граѓани кои гласаа на денешниот консултативен референдум и го остварија своето демократско право. Со значајното „да“ има широка поддршка за Преспанскиот договор и евроатлантскиот пат на земјата“, додаде тој.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нагласи дека го поздравува гласот „за“ на референдумот во Македонија. „Ги повикувам сите политички лидери и партии да се ангажираат конструктивно и одговорно за да ја искористат оваа историска можност. Вратата на НАТО е отворена, но мора да бидат завршени сите национални процедури“, рече Столтенберг.
Од друга страна, Грција ги опиша како „контрадикторни“ резултатите од консултативниот референдум. Во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи се вели дека го почитуваат изборот на народот на соседната земја.
„Огромно мнозинство „ЗА“ без доволна излезност. Голем дел од народот на нашиот сосед даде поддршка за Договорот. Но, значаен дел гледа кон Договорот со сомнеж“, се наведува во ова соопштение.
Во соопштението се вели дека одблиску ќе го следат развојот на настаните во Македонија, додавајќи дека Грција ќе остане посветена на Договорот од Преспа.
- Потребно е и Грција да го одобри Договорот
Процесот не завршува со одобрување на Договорот во македонското Собрание. Потребно е Преспанскиот договор да биде одобрен и во грчкиот Парламент.
Се претпоставува дека доколку владиниот мал партнер Независни Грци (АНЕЛ) не го поддржи Преспанскиот договор, сепак тој ќе помине во грчкиот Парламент.
Големиот број странски политичари кои пред референдумот ја посетија Македонија, изјавија дека Договорот не е значаен само за Македонија, туку во исто време тој е значаен и за Грција. Тие истакнаа дека разрешницата на проблемот со името не е во интерес само за Македонија, туку е од интерес и за соседна Грција.
Доколку Договорот помине во грчкиот Парламент, тогаш Грција, до сите членки на НАТО ќе испрати писмо во кое ги известува дека е решен проблемот со Македонија околу името.
Од друга страна, доколку не дојде до озаконување на Преспанскиот договор во Македонија, нема да се прејде на негово озаконување во Грција, со што овој договор, окарактеризиран како „историски“, ќе падне во вода.
За прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, во Македонија се одржа референдум на кој народот беше запрашан „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Според официјалните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Референдумот во Македонија за да биде успешен, беше потребно од вкупниот број на избирачи, на гласање да излезат 50 отсто + 1 избирач. На референдумот што се одржа во неделата, излезноста на гласачите изнесуваше 36,91 отсто. ДИК соопшти дека од 1.806.336 избирачи, на гласање излегле 666.743 избирачи. „За“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. ДИК информираше дека неважечки се 19.221 ливчиња, односно 2,89 проценти.
- Спорот околу името
Иако голем број земји ја признаа Македонија под нејзиното уставно име „Република Македонија“, Грција бара промена на името, со образложение дека во рамките на нејзините граници постои територија именувана како „Македонија“.
Од осамостојувањето на Македонија, од 1991 година наваму, продолжува спорот околу името со јужниот сосед Грција, што е причина Македонија да не може да стане членка на ЕУ и НАТО.
По реакцијата на јужниот сосед Грција, Македонија на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во април 1993 година е примена како членка на ОН под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија (FYROM)“.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, на 12 јуни оваа година одржаа прес-конференции и соопштија дека по интензивните средби, двете земји се договориле Македонија да го смени името во „Република Северна Македонија“. На средбата одржана на 17 јуни оваа година, беше потпишан Договорот со кој се решава долгогодишниот спор меѓу двете земји.
Откако Македонија и Грција целосно ќе ги исполнат своите обврски што ги предвидува постигнатиот договор, се очекува Македонија под името „Република Северна Македонија“ официјално да стане 30. членка на НАТО.
news_share_descriptionsubscription_contact
