Husameddin Gina
02 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - За гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните ќе се реформира Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), истакна на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Спасовски рече дека злоупотребата на службите од безбедносниот сектор, особено на УБК, предизвика сериозна политичка криза во Македонија и го наруши угледот на демократијата.
„Безбедносно-разузнавачкиот систем претставува суштинскиот механизам за заштита на државата и граѓаните од негативните влијанија и им овозможува на институциите на државата да се справуваат со глобалните безбедносни закани и ризици“, рече министерот Спасовски.
Тој, исто така истакна дека безбедносните закани и ризици во светот се под постојана промена и влијание на различни интересни групи, а Македонија со својата положба не е заобиколена.
„Членството во ЕУ и НАТО подразбира постоење на служби кои ќе бидат рамноправни со своите колеги од земјите сојузнички. А тоа може да се случи единствено преку сеопфатна реформа“, нагласи министерот Спасовски.
Горан Николовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), истакна дека како професионалец е многу задоволен од политичката одлука за реформа во УБК.
„На крајот од овој процес, како професионалец ќе бидам задоволен, затоа што верувам дека ќе успееме да одбереме модел кој ќе гарантира професионална, департизирана служба, која ќе биде доволно транспарентна во својата работа, но и ќе успее да ги заштити интересите на државата и ќе работи во интерес на граѓаните“, нагласи Николовски на денешната прес-конференција.
Министерот Оливер Спасовски, на денешната седница на Владата ќе предложи информација со која ќе ги образложи причините за потребата од ваквата реформа.