Abdula Berısha
16 Јануари 2020•Ажурирај: 18 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Jавното претпријатие на Северна Македонија за државни патишта потпиша договор за изградба на првите два километри на Автопатот Скопје - Блаце, а останатите 10,5 километри се во фаза на проектирање, јавува Агенција Анадолија (AA).
Договорот го потпишаа Зоран Китанов, директорот на претпријатието и претставник на компанијата што победи на тендерот, а на прес-конференцијата беа присутни и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Вицепремиерот Османи, кој раководеше со министерската група формирана во март 2018 година за изградба на автопатот, го оцени како проект од особено стратешко значење за Северна Македонија.
„Донесовме стратешка одлука да го поделиме на два дела затоа што сметавме дека процедурите се различни ако автопатот е изграден со средства од буџетот и од заем, и затоа не случајно ги поделивме првите два километри, затоа што тие ќе се изградат само со средства од буџетот на Jавното претпријатие за државни патишта“, рече Османи.
Тој рече дека на овој начин автопатот ќе се гради побрзо и истакна дека откако ќе биде готов, растојанието Скопје - Приштина ќе може да се помине за околу 45 минути.
Министерот Сугарески рече дека Автопатот Скопје - Блаце е важен за поврзување на Северна Македонија со земјите од регионот, додавајќи дека тој ќе придонесе за трговска размена во иднина.
„Овој проект ни е од особено значење, пред сѐ заради подобрување на економските врски со Косово и зголемување на билатералната економска соработка. Косово е наш значаен трговски партнер, минатата година бележиме зголемување од повеќе од 30 проценти од вкупната трговија, така што изградбата на автопатската делница ќе даде дополнителен импут во зголемување на трговските релации во иднина“, рече Сугарески.
Директорот Китанов рече дека договорот за првите два километри од Автопатот Скопје - Блаце е во износ од 12,2 милиони евра, средства обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта. Тој исто така рече дека градежните работи треба да започнат напролет и да завршат во рок од 18 месеци.
Китанов рече дека за другиот дел од 10,5 километри е обезбеден грант од 27 милиони евра од Фондот инициран од ЕУ, (ВБИФ), додека се очекува и финализирање на заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
За време на прес-конференцијата, министерот Сугарески беше запрашан за градежните активности во Скопската чаршија. Тој рече дека Министерството за транспорт и врски е одговорно за издавање на градежни дозволи.
Сугарески информира дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ќе изврши инспекции во наредните денови и ќе достави детален извештај за состојбата на терен, додавајќи дека Инспекторатот ќе постапи веднаш доколку има неправилности.