Admir Fazlagic
09 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
СКОПЈЕ
Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Србија на амбасадорот на Република Северна Македонија во Србија му врачи протестна нота, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Министерството за надворешни работи на Србија му врачи денес на амбасадорот на Република Северна Македонија во Србија протестна нота по повод печатење и објавување на поштенска марка на која се наоѓа географска карта на фашистичка Независна Држава Хрватска, а чие спомнување ги евоцира спомените на граѓаните на Република Србија и српскиот народ на најмрачниот период во поновата историја", се вели во соопштението објавено на официјалната интернет страница на Министерството за надворешни работи на Србија.
Како што се наведува во соопштението, МНР на Србија побарало „спорната поштенска марка веднаш да се повлече од оптек и нејзиното печатење и објавување да се осуди од страна на Владата на Република Северна Македонија."
Според соопштението, во протестната нота на МНР на Србија, врачена на вршителот на должноста на Републлика Северна Македонија се наведува:
„Министерството за надворешни работи на Република Србија изразува најостар протест по повод печатење и објавување на поштенската марка на која се наоѓа географската карта на фашистичката Независна Држава Хрватска, коај опфаќа и делови на Република Србија се до Белград, делови на Црна Гора и цела Босна и Херцеговина, а чие спомнување ги евоцира спомените на граѓаните на Република Србија и српскиот народ во целина на најмрачниот перид во поновата историја."
Во протестната нота стои дека „ваквите обиди на историскиот ревизионизам грубо ги нарушуваат билатералните односи на Република Србија и Република Северна Македонија како и соработка и стабилност на целиот регион."
„МНР на Србија, објавувањето на оваа марка, и тоа на Денот на победата над фашизмот, ја сфаќа како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, како и навреда за целиот српски народ, кој во концентрационите логори на таа иста НДХ, страдал во стотици илјади во текот на Втората светска војна", пишува во протестната нота и се додава:
„Министерството за надворешни работи на Република Србија бара спорната поштенска марка веднаш да се повлече од циркулација како и нејзиното печатење и објавување најостро да се осуди од страна на Владата на Република Северна Македонија, во спротивно, МНР на Србија ќе преземе понатамошни чекори со цел заштита на интересот на Република Србија."
- АД „Пошта на Северна Македонија“: Веднаш се повлекува употребата на поштенската марка
АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје преку писмено соопштение објавено на нивната официјална интернет страница упати извинување.
„АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје се извинува за ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенската марка од серијата „Северна Македонија во ЕУ“ чија цел е одбележување на претседавањето на Република Хрватска со ЕУ. На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш се повлекува од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6000 (шест илјади) примероци", се вели во соопштението на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје.
Во соопштението, АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје изразува жалење за, како што наведуваат, ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопува со 9 Мај, Денот на Европа.
„Наша цел беше со оваа поштенска марка да изразиме благодарност до Хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата Држава", стои во соопштението.