Sanja Janackovic
01 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
СОКОБАЊА (АА) - Осум рудари, кои рано изутрина настрадаа во рудникот Соко кај Соко Бања, на истокот на Србија, загинаа поради гушење со метан, соопшти министерката за рударство и енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, на прес-конференцијата во областа на рудникот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Несреќата се случила околу 4 часот наутро поради пропаѓање на јагленот во комората за топење и наглото продирање на метанот во работниот простор, каде што во моментот на несреќата биле околу 50 работници. Поголемиот дел од нив се спасени, а меѓу 20-ината повредени кои се згрижени во Општата болница во Алексинац и Универзитетскиот клинички центар во Ниш, тројца се со тешки повреди, но сите се вон животна опасност.
Шест починати работници се од Алексинац, еден е од Врање и еден од Соко Бања, на возраст од 31 до 59 години.
„Телата се на пат кон Ниш за да се изврши обдукција. Истражните органи ја работат својата работа, верувам дека за брзо ќе ги имаме написмено причините за овие случувања“, рече министерката Михајловиќ.
Таа вети дека државата ќе им помогне на семејствата на загинатите работници, меѓу кои има вкупно 12 деца и едно бебе.
Во Домот на културата во Алексинац организирана е вонредна акција на доброволно давање на крв за помош на повредените рудари.
Во текот на денот пред рудникот беа собрани семејствата на настраданите, спасувачките и новинарските екипи.
Директорот на рудникот Соко, Драго Милинковиќ, утринава истакна дека мерките за безбедност во рудникот се на највисоко ниво, но дека овој пат „се случило нагло ослободување на метан“ и дека „ништо не можело да се направи“.
Ова не е прва несреќа во рудникот Соко. Петнаесет рудари загинаа во 1974 години, една година подоцна уште 5, а најголемата трагедија се случи во 1998 година кога настрадаа 29 рудари.