Alma Dekovic
29 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Министерството за одбрана на Србија денес претстави нови дронови за, како што се наведува, „надмоќ на современото бојно поле“, пренесува Анадолу.
„Следејќи ги светските трендови во вооружувањето и современите безбедносни предизвици, Воено-техничкиот институт во Белград во текот на 2024 година интензивно работеше на развој и создавање услови за производство во фабриките на одбранбената индустрија на различни варијанти на беспилотни воздухоплови, меѓу кои значајно место заземаат дроновите самоубијци ‘Комарeц’“, соопштија од Министерството за одбрана на Србија.
Споменатите дронови се развиени оваа година, а со нив започна опремувањето на единиците на Војската на Србија.
Дронот самоубиец „Комарец 1“ првично беше направен со боева глава направена од золја, за да подоцна таа боева глава биде модифицирана за да има и кумулативен и парчаден ефект за да може освен против оклопни возила да дејствува и против жива сила.
Дронот „Комарец 2“ има значително поголема глава и може да нанесе штета на тешко оклопни возила и средства, рече истражувачот, додавајќи дека значителен број избрани припадници на Војската на Србија поминале обука за управување со овој современ дрон, за што се потребни посебни вештини.
Маневарските способности овозможуваат употреба на дронот во различни услови, од различни рурални до урбани средини.
Дроновите од типот „Комарац 1“ се вооружени со противоклопна кумулативно-парчадна боева глава од калибар од 50 мм и се наменети за акции против оклопни возила, лесно утврдени цели и жива сила. Наведувањето на дронот до целта се врши од далечина, а боевата глава може да се активира при ударот во целта или да се диригира преку станицата за управување.
Дроновите „Комарец 2“ се вооружени со боева глава со експлозивно формиран проектил со калибар од 105 мм. Боевата глава со својот проектил делува на оклопната цел пробивајќи ја, а потоа деловите од проектилот и пробиениот оклоп дејствуваат во внатрешноста на целта со истовремено зголемување на притисокот на воздухот.