БЕЛГРАД (АА) – Србија има најразвиена и најинтензивна соработка во областа на одбраната со Унгарија во регионот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Белград, по состанокот со унгарскиот министер за одбрана Криштоф Салаи-Бобровницки, и изрази уверување дека договорот за заеднички активности ќе се продлабочи и ќе доведе до можност за формирање воен сојуз меѓу Белград и Будимпешта, јавува Анадолу.
„Се разбира, за тоа ќе одлучуваат унгарската страна, унгарскиот и српскиот Парламент и сите други релевантни институции“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција во Белград.
- Конкретизација на договорот за стратешка соработка -
Вучиќ истакна дека денес е потпишан документ со кој се операционализира и конкретизира Договорот за стратешка соработка во областа на одбраната, постигнат во 2023 година.
„Стратешката соработка меѓу Србија и Унгарија во областа на одбраната е еден од најважните аспекти на нашата севкупна стратешка соработка. Србија, според бројот и значењето на заедничките активности, има најразвиена и најинтензивна одбранбена соработка со Унгарија“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека клучни елементи на оваа соработка се воената соработка, која се одвива преку билатерални и мултинационални вежби, како и воено-техничката соработка во областа на набавка на системи и средства за вооружување.
„Документот што денеска го потпишаа двајцата министри го операционализира и конкретизира Договорот за стратешка соработка во областа на одбраната постигнат во 2023 година. Договоривме најголем број активности за оваа година. Досега 79, речиси двојно повеќе од 2023 година кога имавме 48, а од големо значење за нас е она што го договоривме со нашите унгарски пријатели“, рече српскиот претседател.
- Унгарија е на страната на мирот и за проширувањето на ЕУ -
Министерот за одбрана на Унгарија, Салаи-Бобровницки, изјави дека потпишаниот билатерален план за воена соработка ја подигна соработката на двете земји на уште повисоко ниво.
Тој на заедничката прес-конференција рече дека досегашната соработка е многу успешна во многу области, вклучително и воената соработка.
„На меѓународно ниво е многу важно да има соработка со соседните земји, како што е Србија, и двете земји секогаш да се консултираат. Србија не е во ЕУ, но имаме консултации на највисоко ниво“, објасни Салаи-Бобровницки.
Тој изрази уверување дека Унгарија може да придонесе за модернизација и севкупен развој на Србија и посочи дека од 2023 година соработката меѓу двете земји е проширена и во воената област.
„Денеска детално го разгледавме целиот план за тековната година. И српските и унгарските односи беа подигнати на уште повисоко ниво кога станува збор за воената соработка. Договорени се стручни консултации, воена обука, мапирање и консултации“, рече тој.
Тој смета дека тоа придонесува за понатамошен развој на соработката меѓу двете земји и за зајакнување на мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Салаи-Бобровницки истакна дека Унгарија е секогаш на страната на мирот и дека во тоа е сојузник со Србија.
Тој посочи дека Унгарија се залага за проширување на ЕУ, како и за прием на Србија.
„За време на нашето претседавање со ЕУ, го истакнувавме значењето на проширувањето и работевме на тоа со сите расположливи ресурси“, изјави Салаи-Бобровницки.
Салаи-Бобровницки рече дека кога станува збор за воената соработка, Унгарија отсекогаш настојувала да ѝ помогне на Србија да го зачува мирот.
- Потпишан е документ за соработка во областа на одбраната -
Во Палатата на Србија во присуство на Вучиќ беше потпишан документ за одбранбена соработка меѓу Србија и Унгарија.
Планот за билатерална воена соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји за 2025 година го потпишаа српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ и унгарскиот министер за одбрана Криштоф Салаи-Бобровницки.
На потпишувањето присуствуваше и началникот на Генералштабот на војската на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
