Almir Terzic
02 Февруари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
НОВИ САД (АА) - Блокадата на Мостот на слободата во Нови Сад, која започна во саботата во 15 часот, продолжи и денес. Во саботата се одржаа протести во повеќе од 20 градови во Србија, известува Анадолу.
Неколку илјади студенти и граѓани се собраа на протестот во Нови Сад во саботата, блокирајќи ги мостовите Варадински, Жежељев и Мостот на слободата, по повод три месеци од смртта на 15 лица при уривањето на настрешница на Железничката станица во градот. Жежељев и Варадински беа блокирани од 15 до 18 часот, а блокадата на Мостот на слободата ќе трае 24 часа т.е. денеска до попладневните часови.
Српските медиуми објавија дека студентите, кои цела ноќ го блокираа Мостот на слободата, во текот на денот ќе одлучат дали блокадата ќе продолжи и по 15 часот.
Студентите бараат одговорност и правда за жртвите. На студентите во Нови Сад им се придружија и нивните колеги од Белград, средношколци, мотоциклисти, земјоделци, здравствени работници и бројни граѓани. Во близина на трите моста на Дунав во Нови Сад, граѓаните готвеа храна за демонстрантите.
Во близина на Мостот на слободата беа поставени најмногу штандови за храна, а во близина има и бина на која се одржуваше програма подготвена од студентите. Студентите на протестот порачаа дека ќе останат на улиците и на мостовите онолку колку што е потребно за да се дојде до правдата.
Во саботата се одржаа протести во повеќе од 20 градови во Србија. Собири за поддршка на српските студенти се одржаа во многу градови и надвор од Србија, од Загреб, Сплит и Осиек, до Берлин, Бостон и Мелбурн.
Српските медиуми известуваат дека поп-ѕвездата Мадона на својот Инстаграм профил ги поддржала протестите на српските студенти, објавувајќи кратко видео од илјадници демонстранти во Нови Сад со текст: ‘Моќта на единството’. Она што медиумите не го објавуваат е дека сме сведоци на едно од најголемите студентски протести од 1968 година“, се вели во пораката.
„Поддржете го таквото единство насекаде во светот!“, напиша Мадона.