Gorana Jakovljevic
04 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
БАЊА ЛУКА (АА) – За Европската Унија (ЕУ) присуството на земјите од Западен Балкан е неопходно, изјави денеска во Бања Лука, Босна и Херцеговина, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, јавува Анадолу.
Тој оствари средба со претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС), Милорад Додик, и членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.
„Живееме во период на опасни случувања, во време кога регионалната стабилност и мир имаат сè поголемо значење. За нас, Унгарците, наш национален интерес е да има мир и стабилност на Западен Балкан. Имаме многу проблеми на нашите источни граници поврзани со конфликтот што се случува таму. Нема потреба и од оваа страна да имаме слични предизвици“, рече Сијарто.
Тој истакна дека Унгарија води одговорна политика кон своите соседи и затоа, за време на редовното претседавање на Унгарија со Европската Унија (ЕУ), една од главните точки е забрзувањето на проширувањето на ЕУ.
„Сметаме дека за ЕУ е неопходно присуството на Западен Балкан затоа што ни е потребна свежина, динамика и нов елан што може да дојде од овој регион. Од овој аспект, неповолно е кандидатите за членство од Западен Балкан да чекаат во просек повеќе од 14 години за членство. Ние го сметаме тоа за еден вид непочитување од страна на Брисел и ги повикуваме членките на ЕУ да престанат со фолирањето и јавно да кажат што зборуваат зад затворени врати и да завршат со политиката што во суштина доведе до целосен колапс на политиката на проширување на ЕУ“, рече тој.
Според него, во исто време, за време на интегративните процеси во ЕУ, многу е важно секоја членка на ЕУ и секоја институција во Брисел да ги испочитува одлуките на граѓаните, и секоја држава и нација да има право сама да одлучува за својата иднина и сама да избира свои лидери.
„И затоа, ние на основа на меѓусебно почитување, продолжуваме да соработуваме со земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Босна и Херцеговина, односно со двата ентитета на оваа земја. Сѐ уште сме против тоа што некои наши пријатели од Западна Европа им се закануваат на лидерите на Западен Балкан, а во последно време сакаат да воведат и санкции“, рече тој и додаде дека соработката меѓу Унгарија и Република Српска се заснова на меѓусебно почитување.
Тој додаде дека унгарските претприемачи и компании ќе бидат вклучени во три развојни проекти, и тоа изградба на парк на соларни елементи, проект за прочистување на отпадни води и ветерни турбини.
Додик на прес-конференцијата по средбата изјави дека денеска е потпишан протокол меѓу министерствата за енергетика на Унгарија и РС за идна соработка во областа на енергетиката.
Тој му се заблагодари на унгарскиот министер за неговата „упорна поддршка за принципите што подразбираат мир во новиот простор, соработка меѓу луѓето, што подразбира поддршка не само за РС, туку и за ФБиХ, за сите луѓе во БиХ“.
Додик додаде дека разговарале и за европскиот пат.
„Ние сме определени за европскиот пат, но секако мислиме дека мора да се почитува уставниот поредок во Босна и Херцеговина“, додаде Додик.