Furkan Abdula
25 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој реализира официјална посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, Џафери изрази задоволство од одржувањето на денешната средба со државник кој доаѓа од пријателска земја и е промотор на нашите евроатлантски интеграции.
„Интензитетот на билатерални средби на сите нивоа е само уште една потврда за одличните билатерални односи кои се градат и негуваат со години. Тој упати благодарност за поддршката во клучни моменти од нашата понова историја, а особено во време на кризи кога Словенија ја понуди својата помош со испраќање тимови на нашата јужна граница за справување со бегалската криза и актуелно, со медицински тим и заштитна опрема за справување со пандемијата предизвикана од Ковид-19“, се наведува во соопштението.
Во ова соопштение се вели дека Џафери ја поздравил иницијативата на Пахор за процесот Брдо-Бриони и визијата за стабилизација на регионот преку регионална соработка, како чекор пред неговата интеграција во Европската Унија, како и за писмото упатено од страна на Пахор во март оваа година до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со барање за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Како 30-та земја членка на НАТО и земја која очекува формално отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, земјата и нејзините институции се подготвени соодветно да одговорат согласно преземените договорни обврски“, заклучи Џафери, се вели во соопштението.
Меѓу другото, се истакнува дека Пахор изрази огромна благодарност за можноста за размена на мислења и за обраќање пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, како израз на пријателство и градење сојузништва, особено во тешки и непредвидливи времиња.
„Тој ја поздрави државничката мудрост на претходната Влада и собраниското мнозинство за надминувањето на сензитивните и тешки билатерални прашања со соседите. Истовремено, му посака успех на претседателот Џафери во текот на мандатот и во донесувањето на претстојните стратешки одлуки за кои, како што рече, ќе биде потребно поголемо општествено обединување“, се истакнува во ова соопштение.
„Република Словенија ќе продолжи да ве поддржува на патот кон полноправно членство во Европската Унија и на тој пат не треба да постојат неправедни условувања кои ќе го кочат процесот“, заклучи Пахор, се додава во соопштението на Собранието на Северна Македонија.