Diyar Güldoğan
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Според новиот договор за патување без пасоши, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека очекува туристите од Србија кои ќе ја посетат Туркије да постават нов рекорд, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Очекуваме дека бројот на туристи од Србија кои ќе ја посетат нашата земја оваа година за првпат ќе надмине 300.000 и ќе го собори претходниот рекорд“, рече Ердоган во своето обраќање на Турско-српскиот бизнис-форум што се одржа во Белград, главниот град на Србија.
За време на посетата на Ердоган, втората станица од неговата балканска турнеја, Туркије и Србија потпишаа седум договори во области како што се економијата, индустријата и технологијата, вклучително и протокол со кој се овозможува патување без пасоши за граѓаните од двете страни.
Ердоган рече дека договорот ќе помогне да се подигнат билатералните односи меѓу Туркије и Србија на уште повисоко ниво.
„Нашите инвестиции во Србија се зголемија во последната деценија, од еден милион долари на 400 милиони долари. Бројот на нашите компании во Србија сега е повеќе од 1.300“, рече турскиот претседател.
Тој додаде дека турските компании во Србија имаат деловен обем од околу 847 милиони долари, со вкупно 50 проекти во различни региони.
Ердоган рече дека вратите на Туркије се отворени за претприемачите од Србија кои ќе инвестираат во таа земја.
Тој, исто така, истакна дека Туркије ја гледа Србија како клучна земја за мир и стабилност во Балканскиот Регион.
Ердоган синоќа допатува во посета на Србија каде што денеска се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Ердоган регионалната турнеја ја започна вчера со посетата на Босна и Херцеговина.
Последната станица од пошироката регионална турнеја ќе биде Хрватска. Ердоган утре во Загреб ќе има средби со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.
Турскиот претседател ќе го отвори и Исламскиот културен центар во Сисак, кој е изграден со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Бизнис-форум е планиран и во Хрватска.