Fuat Kabakcı
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
ПЕКИНГ (АА) - Кинеското Министерство за трговија соопшти дека денес стапи на сила воведувањето додатни царини од 25 отсто на увозните американски производи, а станува збор за стоки со вкупна вредност од 16 милијарди долари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството се наведува дека денес стапи на сила одлуката со која Пекинг со иста мера им возвраќа на Соединетите Американски Држави (САД) на претходното воведување додатни царини од 25 отсто на кинеските производи, во вредност од 16 милијарди долари. Така, и Кина воведе додатни царини од 25 отсто на американски производи.
Исто така, нагласено е дека Кина се противи на ваквиот потег на Вашингтон, и дека со воведувањето на додатниот данок, нема други опции, освен да ги преземе неопходните мерки.
Кина ќе продолжи да ја штити слободната трговија и мултилатералниот трговски систем, и ќе поднесе барање до механизмот на Светската трговска организација (WTO) за решавање спорови.
Пекинг на 8 август најави дека со иста мера ќе одговори на одлуката на Вашингтон за воведување додатни царини од 25 отсто на увозни кинески производи.
Последните случувања се сметаат за почеток на трговска војна меѓу Вашингтон и Пекинг, а сево ова започна кога американскиот претседател Доналд Трамп, во средината на март оваа година најави додатни увозни царини од 25 отсто на челик и 10 отсто на алуминиум.
Кина, како одговор на американското воведување царини соопшти дека воведува царини на 128 американски производи во износ меѓу 15 и 25 отсто.
Трамп на 22 март потпиша уредба за воведување додатни царински давачки за Кина и ограничување на вложувањата во Соединетите Американски Држави (САД), а се однесува на воведувањето царински давачки до 60 милијарди долари за увоз на кинески производи.
Aмериканската администрација во август минатата година ја обвини Кина за „кражба“ на американски технолошки тајни. Проценија дека кинеската кражба на интелектуалната сопственост на САД е во вредност и до 600.000 долари.
Кинескиот одговор на ова не се чекаше долго, па воведени се уште 25 отсто царински такси на 659 производи, увезени од Соединетите Американски Држави (САД).
Администрацијата на Пекинг, на сите досегашни чекори на САД возвраќаше со иста мера. Кинеските претставници во повеќе наврати се состанаа со американските официјални лица во обид да изнајдат решение, но тоа не се случи.
Кинеска делегација на чело со заменикот-министер за трговија, Ванг Шоувин, вчера отпатува за САД каде што ќе одржи состаноци со американските претставници.