Ömer Koparan,Ethem Emre Özcan
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
АЛ БАБ (АА) - ОМЕР КОПАРАН/ЕТХЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН -
Осумнаесетгодишниот Абдулах, кој беше погоден со шрапнел во главата во нападите на режимот на Асад врз сириската покраина Хомс, остана со целосен инвалидитет и сега чека помош за лекување, пишува Агенција Анадолија (АА).
Абдулах од Хомс е само еден од стотиците илјади цивили чии животи беа зацрнети како резултат на нападите на режимот на Асад и неговите приврзаници во граѓанската војна во Сирија.
Абдулах е роден со лесна ментална попреченост. Како резултат на нападот на режимот на Асад во 2015 година, шрапнели го погодија во главата и на различни делови на телото. Со тоа, Абдулах падна во состојба на физички и ментален хендикеп.
Во тој напад тој го загуби својот постар брат.
Неговото семејство во 2018 година мигрира на северот на земјата, прво во Идлиб, а потоа се смести во Ал Баб.
По нападот, Абдулах целосно ги загуби своите основни функции како што се зборување и одење. Се бори да преживее консумирајќи само течна храна.
Таткото на Абдулах, Садетин Ебу ал Хумси, се обидува да го чува својот син, чија состојба од ден на ден станува полоша.
Педесет и петгодишниот татко чека помош за лекување на Абдулах, чија тежина падна на 35 килограми поради неговата непозната болест.

Ебу ал Хумси, во изјавата за АА, по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, се осврна на тешкотиите и страдањата низ кои поминале со неговиот син.
- „Здравствената состојба секој ден му се влошува сѐ повеќе“ -
Наведувајќи дека морале да ги напуштат своите домови поради нападите на режимот и неговите приврзаници, Ебу ал Хумси рече: „За време на овие напади мојот син беше погоден во главата. Имаше нарушување во мозокот и тоа предизвика попреченост.“
Ебу ал Хумси, посочувајќи дека немаат доволно капацитети во регионот за да може да го лекуваат Абдулах, рече: „Здравствената состојба секој ден му се влошува сѐ повеќе. Не можевме да најдеме некого кој ќе може да го лекува.“
Тој истакна дека неговиот син не може да направи ништо сам. „Не може да стане на нозе. Не може да се движи. Ние го храниме. Ние го придвижуваме. Ние го бањаме. Кога има болки не може да каже каде го боли. Сѐ уште пред нас не излезе никој кој може да каже која му е болеста и како може да се лекува. Ниту еден доктор кај кого отидовме, не го разбра проблемот.“