Ali H. M.Abo Rezeg
09 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
ИДЛИБ (АА) - Во тековниот седумгодишен воен конфликт во Сирија, за време на кој загинаа десетици илјади лица, и домашните миленици, исто така, зазедоа дел од него. Стотици мачки ги загубија своите сопственици, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обид да обезбеди грижа за милениците кои останаа сами, Мохамед Ала Џалил, поранешниот возач на брза помош од Алепо во северозападна Сирија, во 2013 година отвори засолниште за мачки кои останале без својот сопственик.
Три години подоцна, за време на опсадата на режимот во Алепо, засолништето беше бомбардирано, но сепак тој успеа да спаси 22 мачки. Подоцна Џалил отвори ново засолниште во Кефр Наја, западно село во Алепо.

Тој му даде име на засолништето, по неговата прва мачка Ернесто, и заедно со неговиот пријател, ветеринарот Мохамед Јусеф, отвори клиника внатре, во која обезбедуваат здравствена грижа за мачките.
„Со години сум заљубен во мачките“, вели Џалил за АА. „Собирав месо од касапи и ги хранев“, додаде тој.
Тие трошокот на куќата за мачки го подмируваат благодарение на донациите кои надвор од Сирија, ги добиваат по електронски пат, а мачките добиваат име по донаторите како што се Перла, Милано и Роуз.

„Ги храниме тука и им обезбедуваме здравствена нега“, изјави тој, додавајќи: „Донациите кои доаѓаат однадвор, ни помагаат да обезбедиме специјална грижа за мачките.“
Џалил се присети како за време на интензивираните напади на режимот во Алепо, водел грижа за 170 мачки.
„Бидејќи никој не живееше во градот, мачките се засолнија покрај мене. Сепак, многу од нив умреа или побегнаа поради интензивните напади на режимот. Едвај донесов 22 од нив за време на евакуациите“, вели тој.

Ветеринарот Јусеф рече дека мачките биле подложувани на здравствено испитување секој месец.
„Обезбедуваме посебна нега за новороденчињата или за оние кои во своите утроби носат младенчиња, а оние кои се заразени со инфективни болести ги чуваме во одвоени места сè додека не завршиме со нивното лекување“, изјави тој.
Сирија тукушто започна да се закрепнува од катастрофалниот конфликт што започна во 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на продемократските протести.