Handan Kazancı
08 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го пофали медицинскиот персонал на Турција кој вбројува половина милион здравствени работници и 360.000 лица на персонал за поддршка во борбата против епидемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ниту еден вирус, ниту епидемија не е посилна од Турција“, изјави Ердоган во пораката упатена до турскиот народ.
„Турција, благодарение на реформите во државната служба направени во текот на изминатите 18 години, е една од земјите најдобро подготвени за епидемијата“, изјави Ердоган, осврнувајќи се на годините во кои неговата Партија за правда и развој е на власт.
„Вклучени сме во националната борба против Ковид-19, кој стана глобална пандемија“, додаде турскиот претседател.
Во Турција досега со Ковид-19 се заразени 34.109 лица, а починати се 725 лица. Од вирусот се излекувани 1.582 лица.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година, и досега се рашири во 200 земји низ светот.
Во светот се регистрирани над 1,44 милион потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 83.100. Речиси 308.000 пациенти се излекувани.