Firdevs Bulut Kartal
26 Август 2020•Ажурирај: 27 Август 2020
АНКАРА (АА) - Новиот вид коронавирус зеде 1.271 животи во Бразил и 650 во Мексико во текот на изминатите 24 часа, соопштија денеска здравствените власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Бразил, втората најтешко погодена земја во светот, бројот на починати се искачи на 116.580, додека бројот на регистрирани заразени лица се искачи на речиси 3,67 милиони, вклучително и 47.134 новозаразени во последните 24 часа. Бројот на излекувани надмина 3 милиони.
Со популација од над 211 милиони, Бразил се смета за епицентар на вирусот Ковид-19 во Латинска Америка.
Додека Владата е обвинувана дека не презела доволно мерки за да го спречи ширењето на вирусот, потпретседателот Хамилтон Мурао, бранејќи ја Владата, вината ја стави на недостигот на дисциплина кај Бразилците за непочитување на мерките за физичко дистанцирање.
Сао Паоло, каде што живеат 46 милиони луѓе, е најпогодениот регион во земјата со 765.670 потврдени случаи и 28.912 смртни случаи.
- Мексико -
Бројот на починати во Мексико достигна 61.450, вклучувајќи 650 нови смртни случаи во изминатите 24 часа.
Вкупниот број случаи во земјата се искачи на 568.621, со 4.916 новозаразени дијагностицирани во изминатото деноноќие. Од вирусот досега се излекуваа 393.101 луѓе.
Првиот случај на коронавирусот во Мексико е регистриран на 28 февруари, а првиот смртен случај на 19 март.