Zehra Nur Düz
26 Август 2020•Ажурирај: 27 Август 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Висока делегација од Израел ќе ги посети Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) следната недела, соопшти Службата за медиуми на израелскиот премиер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наложи делегација предводена од челникот на Советот за национална безбедност, Меир Бен Шабат, да отпатува в понеделник во Абу Даби на разговори како дел од договорот на земјата за нормализирање на односите со ОАЕ“, се вели во соопштението.
Израелската делегација, која ќе вклучи претставници од многу министерства - за туризам, здравство, енергетика и одбрана, ќе биде придружена од американски официјални претставници, меѓу кои ќе биде и високиот советник на Белата куќа, Џаред Кушнер и советникот за национална безбедност, Роберт О’Брајан.
Израелските медиуми пренесоа дека делегацијата ќе патува од Израел за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во првиот директен комерцијален лет помеѓу Тел Авив и Абу Даби.
На почетокот на овој месец, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел постигнаа договор со посредство на САД за нормализирање на меѓусебните односи, вклучително и отворање амбасади во двете земји.
Обединетите Арапски Емирати се третата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел, по Египет (1979) и Јордан (1994).
Палестинските групи го критикуваат договорот, нагласувајќи дека тој ги игнорира правата на Палестинците и не е во корист на палестинската кауза.