Kasım İleri
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот државен секретар за одбрана Марк Еспер изјави дека се истражуваат тврдењата за тоа дека новиот вид на коронавирусот (Ковид-19) настанал во лабораторија во Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не можеме да толерираме Кина да ги крие фактите за Ковид-19", рече Еспер за американската телевизија „NBC".
Нагласи дека внимателно ги следат наводите дека вирусот „излегол од лабораториите во градот Вухан во Кина", додавајќи дека се уште не е можно да се докажат таквите тврдења.
„Но нешто сепак знаеме со сигурност. Кинеската влада не делуваше транспарентно. Како прво, треба да бидат транспарентни", рче Еспер додавајќи дека е прилично тешко да се верува на информациите од Кина.
„Тие нѐ доведуваат во заблуда од првото појавување на вирусот", изјави Еспер и нагласи дека и понатаму не ѝ верува на Кина.
„Не верувам дека Кина и сега ја зборува вистината. Мораме реално да утврдиме што се случува. Ова е глобална пандемија, ќе пружиме глобален одговор. Не можеме да и допустиме на Кина да крие факти за епидемијата", порача Еспер.
Кина ги отфрла наводите дека глобалната пандемија на коронавирусот (Ковид-19) настанала во лабораторија во близина на градот Вухан.
Жао Лијан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина го цитираше генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) и останатите медицински експерти, кои рекоа дека нема докази дека преносот на вирусот почнал од лабораторија и дека нема „научна основа" за таквите тврдења.
„Секогаш веруваме дека ова е научно прашање и дека бара стручна проценка на научниците и медицинските експерти. Само со разумен одговор меѓународната заедница може да победи во оваа борба. Кина ќе продолжи да соработува со другите земји за да меѓусебно се помагаат и поддржуваат", рече Лијан.
Кина, исто така, остро ги демантираше тврдењата дека одложувала да извести за избивање на вирусот во Вухан кон крајот на минатата година и дека пријавила недоволно случаи на заразување, што го влошило влијанието на пандемијата на Соединетите Американски Држави и останатите земји.