Elvır Hodzıc
09 Септември 2024•Ажурирај: 11 Септември 2024
САРАЕВО (АА) – Во рамки на овогодинешното издание на Фестивалот на документарен филм „Ал Џезира Балканс“ (AJBDOC), ќе биде прикажан документарниот филм „Докази“ кој го подготви агенција Анадолу за израелските воени злосторства во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Анадолу е глобален комуникациски партнер на AJBDOC 2024, кој ќе се одржи од 13 до 17 септември.
Проекцијата на документарниот филм „Докази“ е најавена за 14 септември во 14:00 часот. По проекцијата, на прашања ќе одговара теренскиот продуцент Омер Фарук Тунч.
По објавувањето на монографијата за израелските акции во блокираната палестинска енклава Газа од 7 октомври 2023 година, новинската агенција Анадолу сними 52-минутен документарен филм кој ги прикажува воените злосторства. Содржи фотографии и снимки снимени од новинарите на Анадолу, како и интервјуа со релевантни соговорници на оваа тема.
По премиерното прикажување во Анкара, овој документарен филм имаше и своја меѓународна премиера во Лондон, и панел во Парламентот на Обединетото Кралство.
За случувањата во Појасот Газа во филмот говорат претседателката на Меѓународниот суд на правдата Џоан Е. Донахју, специјалната известувачка на Обединетите нации, Франческа Албанезе, заменик-регионалната директорка на Амнести интернешенел за Блискиот Исток и Северна Африка, Аја Маџзуб, поранешниот извршен директор на Хјуман Рајтс Воч, Кенет Рот и многу други.
Документарниот филм „Докази“ ги истражува воените злосторства извршени од Израел врз палестинското население во Газа, со фокус на израелската употреба на бел фосфор, оружје забрането според меѓународното право.
Во октомври, Амнести интернешнал објави дека неговата Лабораторија за кризни докази потврдила дека израелските воени единици кои вршат напади во Газа биле опремени со артилериска муниција со бел фосфор.
Видеоснимките и фотографиите документирани од оваа невладина организација покажуваат дека Израел користел бел фосфор во Газа.
Меѓу доказите на Амнести е и фотографија од артилериски гранати М825 и М825А1 со ознаки D528, кои се користат за муниција на база на бел фосфор, снимени на 9 октомври од фоторепортерот на агенцијата Анадолу, Мустафа Ал-Харуфон.
Монтасер Ал-Саваф, фриланс снимател на Анадолу, кој исто така беше еден од репортерите кои известуваа за израелските напади врз Газа, беше убиен во израелските воздушни напади во декември.
Фотографиите на агенција Анадолу се користени и како доказ дека Израел користел забранета муниција со бел фосфор во густо населениот Појас Газа.