Bedrudin Brlyavac,Alma Çekovic
09 Ноември 2016•Ажурирај: 09 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Според резултатите од претседателските избори, републиканскиот кандидат Доналд Трамп е избран за новиот лидер на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
По пребројувањето на гласовите во Висконсин, од каде што доби уште десет електорски гласови, Трамп освои повеќе од 270 електори, колку што беше потребно за да стане 45. претседател на САД.
Демократската кандидатка Хилари Клинтон до тој момент имаше 218 гласа.
Според првичните резултати, Трамп победи во клучните држави Флорида, Охајо и Северна Каролина. Републиканецот освои и 20 електорски гласа во Пенсилванија, која од 1988 година не гласала за претседателски кандидат од редовите на републиканците.

- Жените за Клинтон, мажите за Трамп -
Важна победа Хилари Клинтон извојува во Вирџинија, Калифорнија и Невада, а двајцата кандидати победија во државите во кои нивните успеси претходно беа предвидени.
Излезните анкети ја потврдија длабоката поделеност меѓу избирачите, која ја одбележа и овогодишната кампања. Жените низ целата земја масовно ја поддржаа Хилари Клинтон, додека мажите почесто го поддржуваа Трамп. Истовремено, повеќе од половината белци ги поддржаа републиканците, додека речиси 9 од 10 Афроамериканци и две третини Латиноамериканци гласаа за кандидатката на демократите.
Во САД, во вторникот се одржаа претседателски избори на кои 230 милиони регистрирани гласачи одлучуваа за новиот претседател на Америка, наследникот на Барак Обама, по долгата претседателска кампања којашто започна пред повеќе од една година.
Американците го избираа 45. претседател и 48. потпретседател. Гласачите избираа меѓу четворица кандидати – демократите ги претставуваше поранешниот државен секретар, Хилари Клинтон, републиканците беа претставувани од страна на бизнисменот Доналд Трамп, либералите од Гети Џонсон и зелените Џил Стајн.
- Кој е Доналд Трамп? -
Доналд Џон Трамп е роден на 14. јуни 1946 година во њујоршкиот кварт Квинс. Овој американски бизнисмен и политичар има германско-шкотско потекло, а истовремено е и телевизиски продуцент и водител.
Од 1971 година врши функција на генерален директор на организацијата Трамп (The Trump Organization), мешовит концерн, со неколку десетици илјади вработени. Како тајкун во областа на недвижности и индустријата за забава, овој милијардер во медиумите постигна голема популарност и препознатливост, а неговото име стана и трговска марка, особено препознатлива по неговите облакодери, кулите Трамп.
По телевизиските емисии, како што е „Стажант“ (The Apprentice), уште повеќе ја зголеми својата популарност, и денеска спаѓа меѓу најпознатите деловни луѓе во САД.
Во јуни 2015. година најави дека ќе учествува во претседателската трка на претседателските избори во САД за 2016 година, како кандидат на Републиканската партија. Неговите конзервативни изјави за илегалната миграција, особено по изјавата за забрана за влез на муслиманите во Америка, предизвикаа внимание кај меѓународната јавност.
Во кампањата што ја водеше во рамките на Републиканската партија за кандидат на изборите за 2016 година, според анкетите, Трамп водел константно од крајот на јули 2015 година. Во почетокот на процесот на гласањето, во рамките на Републиканската партија, во февруари 2016 година стекна значајна предност во однос на своите противкандидати.
Откако во почетокот на мај 2016 година се повлекоа неговите противкандидати Тед Круз и Џон Кесик од номинацијата за републикански кандидат на претседателските избори во САД, на 19. јули 2016 година, Трамп официјално е прогласен за кандидат на Републиканската партија за кандидат на изборите за претседател на САД.