Cansu Dikme
21 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
АНКАРА (АА) - Муслиманските држави треба да прeзентираат еден обединет фронт за заштита на светите места во Ерусалим, рече денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Аnadolu Agency (AA).
Ердоган, кој постојано ги поддржуваше правата на верниците за слободно обавување молитва во џамијата Ал-Акса во Ерусалим, имаше обраќање пред новинарите во Истанбул непосредно пред неговото заминување во официјална посета на Јордан.
„Сакам да ја истакнам важноста на улогата на Јордан во заштитата на светите места во Ерусалим“, рече тој. „Ние не сакаме да ја доживееме истата злоупотреба, кршење на правата и напади“.
„Муслиманскиот свет треба да покаже солидарност по прашањето за Ерусалим“, додаде турскиот претседател.
Јордан е чувар на џамискиот комплекс во источен Ерусалим, третото најсвето место за муслиманите. Местото, познато како Планината на храмот, е најважно и во јудаизмот.
Минатиот месец Израел воведе нови безбедносни мерки во џамијата Ал-Акса по убиството на двајца полицајци на тоа место. Мерките, вклучувајќи го и поставувањето на метални детектори и камери, доведе до повторни судири меѓу Палестинците и безбедносните сили и до незадоволство низ муслиманскиот свет.
Ердоган, кој е придружуван од министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе престојува во јорданскиот главен град Аман по повод 70-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји.
Освен решавањето на ситуацијата во Ерусалим и на палестинските територии, за време на состанокот со кралот Абдула II, турскиот претседател Ердоган ќе разговара и за зајакнувањето на меѓусебната трговијата, како и за прашања поврзани со ситуацијата во Сирија и во Ирак, во однос на загриженоста за територијалниот интегритет на двете држави.