Sibel Uğurlu
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на турскиот Врховен суд, Исмаил Рушту Џирит, изјави дека една третина од персоналот на правосудството во Турција бил поврзан со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод почетокот со работа на турското правосудство по завршениот колективен одмор, во Врховниот суд во Анкара се одржа свеченост на која пред присутните се обрати претседателот на установата Исмаил Рушту Џирит, при што истакна дека вознемирувачко е тоа што вработени во правосудството биле вклучени во терористички активности.
„Една третина од турските судии и обвинители беа вмешани во терористичките активности и, секако, оваа ситуација ја потресе довербата во судскиот персонал за којшто се претпоставува дека е целосно доверлив“, рече Џирит.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, во јули минатата година изврши обид за воен удар во Турција, при што загинаа 250, а беа повредени најмалку 2.200 лица.
ФЕТО се товари за водење долгорочна кампања се цел соборување на легалната и легитимна власт во Турција, на начин во кој главната улога ја имаа членови на таа организација инфилтрирани во сите државни институции, вклучувајќи ја и армијата, полицијата и судството.
Челникот на турскиот Врховен суд, денес нагласи и дека задачата на правосудството е да донесува одлуки врз основа на објективни докази.
„Наше е да не делуваме врз основа на емоции, предрасуди и сензуализам, туку да донесуваме одлуки во согласност со објективните докази, без загрозување на човековите права кои во изминатите години во Турција се подигнати на завидно ниво“, порача Џирит.
Тој нагласи дека во согласност со турските закони ќе бидат процесуирани сите оние кои биле поврзани со терористички активности, вклучувајќи ги и вработените во правосудтвото кои ги злоупотребувале своите функции.
Првиот човек на Врховниот суд на Турција ги предупреди сите земји кои го поддржуваат тероризмот дека се должни да ги почитуваат меѓународните договори и меѓународното право.