ИСТАНБУЛ (АА) - ХАЛИЛ ДЕМИР -
Anadolu Agency (АА) дојде до нови фотографии од убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, а на нив може да се видат припадниците на 15-члениот специјален егзекуторски тим што пристигна од Саудиска Арабија во Истанбул со задача да го убие Кашоги. На фотографиите, меѓу другото, се гледаат при пристигнувањето на аеродромот „Ататурк“, како и при влегувањето во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Републичкото обвинителство во Истанбул продолжува со истрагата за убиството на саудискиот новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (Washington Post) Џамал Кашоги, кој беше убиен на 2 октомври во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Тимовите на истанбулската Полиција за борба против тероризмот и припадниците на Разузнавачката служба на Република Турција (МИТ) во рамките на истрагата ги разгледуваа снимките од безбедносните камери во близина на објектот на саудискиот Конзулат, но и од други локации низ градот.
Во рамките на споменатите активности досега се собрани видеозаписи во траење од околу 3.500 часа, од вкупно 147 безбедносни камери од истанбулските населби Левент и Султанахмет, како и од подрачјето на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул.
На видеозаписите може да се види движењето на 15-те членови на специјалниот егзекуторски тим пред и по убиството на новинарот Кашоги.
Според информациите од безбедносни извори, разузнавачот Мухамед Саад Х. Алзахрани (30), генерал Менсур Осман М. Абу Хусеин (46) и разузнавачот потполковник Наиф Хасан С. Аларифи (32) на 1 октомври во 16:30 часот по локално време допатувале во Истанбул со редовниот лет на „Сауди Арабијан ерлајнс“ (Saudi Arabian Airlines).
Потоа со лет на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), на 2 октомври во 01:30 часот, на аеродромот „Ататурк“ пристигнале Абдулазиз Мухамед М. Алхавсави (31), Халид Аед Г. Алотаиби (30) и разузнавачот Саад Мешал Албостани (31), по што се сместиле во хотел.
Истиот ден, со приватен авион на аеродромот „Ататурк“ слетале потполковникот Бедр Лафи М. Алотаиби (45), припадникот на кралското обезбедување Велид Абдула М. Алшехри (38), генералот Мустафа Мухамед М. Алмадани (57), Фаад Шабиб А. Албалави (33) генералот Махер Абдулазиз М. Мутреб (47), разузнавачот Тар Халеб Т. Алхарби (39), разузнавачот Турки Мушараф М. Алшехри (36), потполковникот Салах Мухамед А. Тубаиги (47) и Саиф Саад К. Алкахтани (45).
Осомничениот Махер Абдулазиз М. Миутреб, Тар Халеб Т. Алхарби, Бедр Лафи М. Алотаиби, Мухамед Саад Х. Алзахрани, Турки Мушараф М. Алшехри, Велид Абдула М. Алшехри, Фаад Шабиб А. Албалави, Мустафа Мухамед М. Алмадани, Саиф Саад К. Алкахтани и Салах Мухамед А. Тубаиги во две групи, во 9:50 и во 10:57 часот, влегле во Конзулатот. Исто така, Абдулазиз Мухамед М. Алхавсави, Халид Аед Г. Алотаиби, Наиф Хасан С. Аларифи, Саад Мешал Албостани и Менсур Осман М. Абу Хусеин влегле во Конзултот одвоено, истиот ден во 11:00 и 12:30 часот.
Мустафа Мухамед М. Алмадани ја облекол облеката на Џамал Кашоги, ставил вештачка брада и мустаќи, и со црна кеса во раката, во 14:53 часот го напуштил Конзулатот, така што излегува од задната врата. Алмадани со такси оди до Султанахмет, во 16:13 часот влегува во џамискиот тоалет, а во 16:29 излегува со друга облека. Истовремено, во дворот пред Конзулатот е паркиран минибус со регистерски ознаки „34 CC 1865“, по што во него се ставени торби и вреќи, во 15:00 часот минибусот тргнува кон Конзулатот, по што во зградата се префрлени торбите и вреќите.
По планираното убиство специјалниот тим се вратил во хотел, а потоа во различно време тргнале кон аеродромот.
Бедр Лафи М. Алотаиби, Велид Абдула М. Алшехри, Фаад Шабиб А. Албалави, Махер Абдулазиз М. Миутреб, Тар Халеб Т. Алхарби и Турки Мушараф М. Алшехри заминуваат со приватен авион на 2 октомври во 18:00 часот, а Абдулазиз Мухамед М. Алхавсави, Халид Аед Г. Алотаиби, Мухамед Саад Х. Алзахрани, Менсур Осман М. Абу Хусеин, Наиф Хасан С. Аларифи, Саад Мешал Албостани и Салах Мухамед А. Тубаиги со авионот број „HZSK2“ истиот ден во 22:30 часот од аеродромот „Ататурк“ полетале за Саудиска Арабија.
Алмадани, кој преправен како Кашоги, се движеше низ улиците на Истанбул, и Саиф Саад К. Алкахтани кој го придружуваше, на 3 октомври во 1:30 часот, со редовниот лет на Turkish Airlines (Туркиш ерлајнс) преку Египет заминаа за Саудиска Арабија.
Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, беше убиен на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Турското обвинителство откри дека тој бил задавен по влегувањето во Конзулатот, и дека неговото тело било исечено на парчиња и уништено.
Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги е убиен, и дека не го напуштил Конзулатот, како што првично тврдеа.
Истрагата за случајот е во тек, со акцент на потрагата по посмртните останки на Кашоги.
Американската разузнавачка агенција (CIA) во својот извештај за случајот наведе дека наредбата за убиството на Кашоги ја издал саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.