Furkan Naci Top
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ПОЛИКАСТО (АА) - Бегалците кои се наоѓаат во близина на грчко-македонската граница, првиот ден од овогодишниот месец на пост на муслиманите - рамазан, го минаа далеку од своите домови и со носталгија се сеќаваат на деновите кога месецот на постот го дочекувале во своите домови, заедно со најблиските, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска ситуацијата е многу поинаква, бегалците се сместени во кампови, без основни услови за живот, далеку од своите домови и своите најблиски.
Во Грција во моментов се наoѓаат околу 54.000 мигранти.
Во грчкиот камп, кој се наоѓа во близина на границата со Македонија, се наоѓаат 1.500 бегалци, воглавно од Сирија. Бегалците за суфур добија урми и млеко, а пред синоќешниот ифтар, застанаа во колона за храна.
Некои бегалци, во рамките на сопствените можности, самите го подготвуваа првиот рамазански ифтар од добиената помош од страна на хуманитарните организации. И покрај скромните можности, трпезата изгледаше многу богато.
Семејството Татан, од сирискиот град Алепо, пред четири месеци ја напуштило Турција, во која живееле повеќе од година дена, сметајќи дека во Германија ги очекува подобар живот. Меѓутоа кога пристигнале тука, ги дочекало големо разочарување.
Хусеин Татан (28) заедно со своите родители и браќа преку Егејското Море пристигнал во Грција, од каде планирал да замине за Германија. Хусеин истакна дека му недостасуваат рамазаните во Сирија. Тој додаде дека во Турција имал работа со која обезбедувал средства за живот.
„Тука условите за живот се многу тешки. Сѐ претставува проблем. Да знаевме што нѐ oчекува, немаше да доаѓаме“, се пожали сириецот Хусеин.
Бегалецот Хусеин истакна дека му е многу жал што на ваков начин влегле во светиот месец на постот - Рамазан.