Ahmet Gürhan Kartal
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
ЛОНДОН (АА) - Во остатоците на авионот кој се урна во каналот Ла Манш минатиот месец, во кој патуваше аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, забележано е тело, јавува Anadolu Agency (AA).
Британските истражители од Одделот за истражување авионски несреќи на Велика Британија (AAIB) денес соопштија дека врз основа на анализата на видеоснимката, објектот на морското дно е идентификуван како дел од исчезнатиот авион „Piper Malibu“.
„Трагично... меѓу остатоците е забележан еден патник“, велат тие.
„Одделот за истрага на авионски несреќи сега ги разгледува идните чекори во консултација со семејствата на пилотот и патникот, како и со полицијата“, се додава.
Од Одделот се наведува дека во рок од еден месец од случувањето на несреќата ќе се објави и извештај.
Во врска со откривањето на остатоците во текот на вчерашниот ден, експертот Дејвид Мрнс, кој води приватна истрага за несреќата, истакна дека деталите за локацијата на остатоците биле споделени со Одделот за истрага на авионски несреќи на Велика Британија.
„Остатоците од авионот во кој патуваше Емилијано Сала, пилотиран од Дејвид Ајботсон, се лоцирани рано утринава“, напиша Мрнс на Твитер вчера.
Аргентинскиот фудбалер патуваше кон Кардиф за да се приклучи на неговиот нов клуб Кардиф сити, откако потпиша договор од 15 милиони фунти.
Авионот леташе од францускиот град Нант кон Кардиф пред да исчезне од радарот на 21 јануари, во близина на Каналските Острови.