Ivana Ramadanova
19 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска се обрати на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за движењата на бегалци и мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на кабинетот на претседателот се вели дека Иванов истакнал оти е потребен заеднички пристап за справување со мигрантската криза и за намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување меѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата.
Иванов нагласи дека уште од почетокот, Македонија имала проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза, и потсети дека сме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на државната граница, со цел нејзина заштита и насочување на движењето на мигрантите.
„Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа. Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултира со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор, потенцираше македонскиот претседател, дополнувајќи дека ни е потребна ревизија на законите за учеството на армијата во заштитата на границите, домашната безбедност и антитероризмот. Но од друга страна, иако се докажавме како стабилни партнери, нашата држава е сè уште без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоците на мигрантите и странските терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци, и под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на самата Унијата”, стои во соопштението.
Претседателот Иванов упати порака до Европската Унија, истакнувајќи дека на Македонија ѝ е потребна помош за да може и таа да возврати со помош.
„Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено”, истакнува Иванов.
Според него, безбедносните предизвици на ЕУ сè повеќе зависат од лидерството, политичката стабилност и кризниот менаџмент на владите на трети земји кои се главните точки за излез и влез на коридорите.
„Заканата од илегалната миграција е совршена алатка за невоен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Тоа се прави преку 'извезување' и насочување на мигрантите по патот до крајната дестинација. Тоа доведе до сериозни тензии меѓу европските држави. Затоа на ЕУ ѝ се потребни стабилни и безбедни трети земји кои се на географска позиција да ги контролираат портите и да ги заштитат коридорите”, потенцира Иванов.
Во рамките на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на ОН за движењата на бегалците и мигрантите се одржаа пленарна дебата и 6 тркалезни маси. Иванов се обрати на темата: „Меѓународна акција и соработка за бегалците и мигрантите и прашања поврзани со раселувањето-идни мерки“, на која учестуваа и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, претседателот на Украина, Петро Порошенко, претседателот на Аргентина, Маурисио Макри, претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, понатаму премиерите на Британија, на Австралија и на Норвешка, Тереза Меј, Малком Трнбул и Ерна Солберг, кралот на Шпанија Филипе VI, како и други шефови на држави и влади.
На отворањето на состанокот, генералниот секретар Бан Ки-мун потпиша договор меѓу Обединетите нации и Меѓународната организација за миграција. На состанокот, покрај шефовите на држави и влади, учествуваат и министри, претставници на ОН, на граѓанското општество, приватниот сектор, меѓународните организации, академските институции и пошироко.