МАДРИД (АА) - Хуманитарната криза во Средоземното Море е сè подлабока, а Европската Унија (ЕУ) не им приговара на земјите членки кои не постапуваат во согласност со меѓународните закони, ниту се придржуваат кон претходно постигнатиот договор.
Во последно време сè повеќе се видливи недостатоците во Договорот за мигрантите кои го постигнаа ЕУ, Италија и Либија. Сè поголемиот број мигранти кои преку морето доаѓаат од Либија во Европа, како и промената на власта во Италија, се одрази врз миграциската криза во Средоземното Море.
Коалиционата влада, која три месеци по општите избори во Италија ја формираа Лигата и Движењето пет ѕвезди (М5С), на самиот почеток го изрази својот антимигрантски став.
- Меѓусебни обвинувања меѓу Италија и Малта -
Последната криза избувна откако Италија не дозволи бродот „Аквариус“ со 629 мигранти спасени во саботата во Средоземното Море да вплови на нејзиното пристаниште.
Италија одби да ги отвори пристаништата и побара од Малта бродот да вплови во пристаништето во Валета. Малта го отфрли барањето со објаснување дека „не ја координирала спасувачката операција, ниту до случајот дошло во нејзините води“, што доведе до криза на меѓународно ниво.
Италија ја обвини Малта, но и ЕУ дека не ги исполнуваат своите обврски и дека Италија се чувствува препуштена сама на себе.
Малта ја обвини Италија дека ги гази меѓународните регулативи и дека е неопходно да се разговара за оваа ситуација која е „европско прашање“, за понатаму да не се повтори.
Податоците од Меѓународната организација за миграција покажуваат дека од почетокот на годината, 13.808 мигранти преку море дошле во Италија. Во истиот период минатата година имало 61.201.
Зголемувањето на бројот на мигрантите во изминатите неколку дена ги најавува бројните миграции во текот на претстојното лето, а тоа што Рим не му дозволи на друг брод со 800 мигранти да вплови, е знак на додатно продлабочување на кризата.
Сепак, лидерот на Лигата, заменик-премиерот Матео Салвини, порача дека Рим нема да го промени својот став.
- „Ги затвораме пристаништата“ -
Салвини предупреди дека пристаништата нема да бидат отворени за другиот брод.
„Европа не се грижи. Доволно е. Спасувањето животи е должност, но претворањето на Италија во голем бегалски камп не е. Готово е со Италија која ја ведне главата и слуша наредби. Овој пат има некој кој ќе каже ’не‘. Ги затвораме пристаништата“, рече Салвини.
Новата италијанска Влада претходно соопшти дека ќе бидат протерани околу 500.000 илегални мигранти кои се наоѓаат во Италија, а овој остар став за мигрантската криза може да предизвика проблеми меѓу оваа земја и Европската Унија, а може и да ја продлабочи хуманитарната криза во Средоземното Море.
- Шпанија ја засрами цела Европа -
Откако Италија и Малта одбија да им дозволат на мигрантите од бродот „Аквариус“, меѓу кои се наоѓаа 123 бебиња, да влезат на нивните пристаништа, тие, во тешки услови на море чекаа два дена. Кризата, која можеше да заврши со страдање на мигрантите, беше решена од новиот шпански премиер Педро Санчез.
„Ние сме должни да спречиме хуманитарна катастрофа и да им обезбедиме безбедно пристаниште за овие луѓе“, рече Санчез, и нареди отворање на пристаништето во Валенсија.
Министерството за одбрана соопшти дека воените бродови ќе го придружуваат „Аквариус“, а повеќе од 200 општини предложија прифаќање на голем број бегалци. Заменичката на премиерот на Шпанија, Кармен Калво, рече дека нејзината земја ги исполнила своите меѓународни обврски и покажала беспрекорна слика.
Ги критикуваше земјите кои одбија да примат мигранти и порача дека една демократска земја не треба да ги почитува само сопствените правила, туку и меѓународните.
Од почетокот на годината до 10 јуни, во Шпанија дошле 9.315 мигранти, што е за 100 отсто повеќе од истиот период минатата година. Очекувањата дека може да дојде до зголемување на бројот на мигранти, предизвика љубопитност во врска со ставот кој ќе го заземе шпанската Влада.
Иако Владата покажа дека нема да им ги затвори пристаништата на бегалците, таа очекува Брисел да преземе конкретни чекори за да постигне конкретно решение за кризата.
- Доаѓаат критики од Грција -
Истите очекувања ги има и Грција, која во 2015 година беше центар на миграциската криза во Европа. Иако бројот на мигранти кон Грција е значително намален, Владата на оваа земја продолжува да ги критикува земјите кои се противат на распределбата на бегалците.
Во Грција има околу 60.000 бегалци кои тргнаа на патот на надежта кон Европа. Во екот на кризата, во Грција дневно доаѓаа околу 10.000 мигранти. По Договорот за реадмисија на бегалците постигнат со Турција, таа бројка беше намалена на 70.
Долготрајниот процес на справување со барањата за азил и неповолните услови за живот во преполните кампови за бегалци на грчките острови, ѝ создаваат дополнителни проблеми на Владата на оваа земја, која, од друга страна се соочува и со економската криза.
Населението на Лезбос и Хиос, островите на кои мигрантите живеат долго време, побара од Владата да пресели повеќе од 15.000 бегалци.
Грчките власти се жалат на земјите од Вишеградската група, обвинувајќи ги дека не презеле дел од товарот на мигрантската криза. Државните официјални лица потсетуваат дека затворањето на вратата или игнорирањето на проблемите може да доведе до нивно додатно продлабочување.
Од Договорот дека 160.000 мигранти во Италија и Грција треба да бидат распоредени во други земји, поминаа 3 години. Сепак, бројот на мигранти кои беа распоредени во новата земја на 31 мај, беше 34.689.
Унгарското и полското неприфаќање на бегалците, како и неволноста за прифаќање, кое го изразуваат многу други земји, покажуваат дека Брисел не воведува никакви санкции. Тоа што Брисел се обидува проблемот да го реши со договор со трети земји, покажува дека нема значајно влијание на земјите членки, што би можело да доведе до ново продлабочување на кризата.
news_share_descriptionsubscription_contact
