Hasan Esen
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Белгискиот суд објави дека на 14 декември ќе донесе одлука за тоа дали од Брисел во Шпанија ќе бидат екстрадирани поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон и четворица министри од суспендираната каталонска влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пучдемон и неговите четворица поранешни министри денеска по вторпат излегоа пред судот во Брисел, а сослушувањето траеше околу четири часа.
Адвокатот на Пучдемон, Пол Бекерт накратко разговараше со новинарите и потврди дека конечната одлука во врска со барањето за екстрадиција на поранешните каталонски лидери судот ќе ја донесе за десет дена.
Адвокатот на поранешниот претседател на Каталонија тврди дека обвинувањата со коишто Шпанија ги товари каталонските претставници се непознати за белгиското судство и оти затоа не постои причина за нивна депортација.
„Особено укажавме на ризикот од кршење на човековите права во Шпанија во случај на екстрадиција“, рече Бекерт.
Пучдемон во ноември, по спроведениот нелегален референдум, еднострано прогласи независност на Каталонија, поради што шпанската Влада ја укина каталонската автономија и ги суспендира институциите во покраината. Локалниот парламент исто така беше распуштен, а предвремени избори беа закажани за 21 декември.
Официјален Мадрид поднесе обвиненија против 20-те водачи на Каталонија, обвинувајќи ги за бунт и злоупотреба на функцијата и на јавните добра.
Осуммина обвинети се наоѓаат во притвор, петмина беа ослободени со мерка забрана, двајца се ослободени од обвиненијата, а Пучдемон и неговите четворица соработници оттогаш се наоѓаат во Брисел.
За нив беше издаден европски налог за апсење и започната е постапката на шпанското барање за екстрадиција.