Furkan Abdula
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) – Амбасадата на Турција во Скопје приреди прием по повод 29 oктомври – Денот на прогласувањето на турската Република пред 94 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостите беа пречекани од страна на aмбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, и нејзиниот сопруг, Џумхур Кара, а на приемот присуствуваа премиерот на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, голем број пратеници, амбасадори, дипломати, верски претставници, претставници на турските институции и огранизации во Македонија, претставници на невладини организации, бизнисмени и останати гости.
Откако беа интонирани химните на двете земји, амбасадорката Кара ја прочита пораката на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во којашто тој истакнува дека прогласувањето на Републиката претставува една многу значајна пресвртница во историја на турскиот народ.
Ердоган пренесе дека се горди на тоа што се припадници на еден ваков храбар народ, и дека под мотото „со народот не може да се господари, може да му се служи“ работат со цел да ѝ служат на својата земја.
„Тоа е основната причина поради којашто сме цел на крвавите терористички организации, не дозволивме и нема да дозволиме да бидеме цел на овие крвави орди како што се ДЕАШ, ПКК, ПЈД/ЈПГ и ФЕТО. Борејќи се со наслови, заговори и со пионите насочени кон нас, напредуваме кон реализацијата на нашите цели одредени за 2023 година. Со поддршката на нашите пријатели и браќа, со молитвите на угнетените чии што души и очи се вперени кон нашата земја, со единство и заедништво на нашиот светол народ, со божја волја ќе ги достигнеме нашите цели“, се наведува во пораката на Ердгоган, кој истакна:
„Уште еднаш го честитам 29 октомври, Денот на Републиката, ден со кој се гордееме; на нашиот народ му посакувам здравје, среќа и просперитет. Помен за душите на нашите херои. Нека е среќна 94. годишнина од основањето на нашата Република.“
Амбасадорката Кара по читањето на пораката од турскиот претседател одржа поздравен говор, во кој изрази задоволство поради тоа што овој празник го слави со пријатели и браќа.
Кара нагласи дека меѓу Турција и Македонија постојат мултидимензионални односи кои моќта ја земаат од заедничката историја и култура. „Македонските државјани со турско потекло и турските државјани со македонско потекло кои живеат во нашата земја, претставуваат еден вистински братски мост меѓу нашите земји“, рече таа.
Исто така, турската амбасадорка во земјата пренесе дека од срце ја поддржуваат Евро-атлантската интеграција на Македонија, и истакна: „Членството на Македонија во НАТО истовремено е неопходно од аспект на заштитата на Балканот.“
Истакнувајќи дека предавничкиот обид за државен удар извршен на 15 јули 2016 година од страна на терористичката организација ФЕТО, е значаен испит за турската демократија, Кара додаде дека многу се горди поради тоа што успешно го поминале овој испит.