Eshat Fırat,Turgut Alp Boyraz
19 Јули 2017•Ажурирај: 20 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) – Икриме Сабри, претседател на Високиот исламски комитет на Ерусалим и имам на џамијата Ал Акса, беше ранет при интервенцијата на израелската полиција врз Палестинците, по вечерната молитва во близина на Лавовската порта, на влезот од џамијата Ал Акса. По укажаната лекарска помош, имамот Сабри беше пуштен на домашно лекување.
За случувањата пред одржувањето на молитвата, имамот Сабри во разговор за Anadolu Agency (AA) изјави: „Поголема група луѓе се собравме пред Лавовската порта за да ја извршиме нашата вечерна молитва“.
Имамот Сабри рече дека по вечерната молитва, израелската полиција извршила напад врз насобраниот народ.
„По вечерната молитва, одеднаш почнаа да фрлаат шок-бомби. Кон луѓето пукаа со пластични куршуми. Во еден момент се создаде човечко стампедо и беа повредени голем број луѓе. Јас сум една од жртвите на израелската полиција, која во народот пукаше со пластични куршуми. Бев пренесен во болница и фала му на Бога, сега се чувствувам подобро. Благодарение на Господ, немам скршеници по телото или некоја посериозна рана“, додаде тој.
Имамот Сабри изјави дека е неприфатливо да се постави детектор за метал пред џамијата Ал Акса.
„Граѓаните на Ерусалим се упорни во својата намера да ја заштитат џамијата Ал Акса. Ќе продолжат реакциите против детектори за метал пред портите на Харем-и Шериф, кои ги поставија израелските окупаторски сили. Сѐ додека овие апарати не бидат отстранети, молитвите ќе бидат изведувани на патиштата што водат кон џамијата Ал Акса“, рече Сабри.
Имамот Сабри истакна дека доколку до петок не бидат отстранети споменатите апарати, Палестинците ќе продолжат со својот протест и додаде:
„Ние сме против овие апарати, бидејќи тоа го разбираме како еден вид напад врз џамијата Ал Акса. Тоа го сфаќаме како мешање во работите меѓу муслиманите. Од тука, уште еднаш повторуваме дека Ал Акса им припаѓа на муслиманите и истакнуваме дека е потребно раководењето со Ал Акса да биде во рацете на муслимани. Ги одбиваме сите напори за воспоставување доминација од страна на израелските окупаторски сили. Доколку овие апарати не бидат отстранети, петочните молитви ќе ги изведуваме на патиштата. Доколку не ги отстранат, тогаш ние молитвите ќе ги изведуваме во Харем-и Шериф. Детекторите за метал претставуваат отворена интервенција врз џамијата Ал Акса. Го одбиваме секој вид на суверенитет што сакаат да го воспостават окупаторските сили“.
- „Жалосен е молкот од страна на Арапите и муслиманите“
Имамот Сабри истакна дека арапскиот и муслиманскиот свет ги игнорираат обврските кон џамијата Ал Акса. „Многу сме тажни поради молкот на арапскиот свет за џамијата Ал Акса, бидејќи на многу отворен начин се соочуваме со предизвик. Го повикуваме целиот арапски и муслимански свет да го преземе својот дел од одговорноста“, истакна имамот Сабри.
Тој нагласи дека џамијата Ал Акса е света исто колку што се свети Мека и Медина.
„Ал Акса не е само на Палестинците, таа му припаѓа на секој муслиман. Света е најмалку колку Мека и Медина. Многу е голема одговорноста. Недозволиво е Арапите и муслиманите да го игнорираат она што се случува тука. Потребно е муслиманите на кои им значи Ал Акса да извршат притисок врз израелските окупаторски сили за да се откажат од активностите што ги спроведуваат“, рече во разговорот за АА Икриме Сабри, имам на џамијата Ал Акса.