Sorwar Alam
10 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес ги повика владите на Иран и Русија да ги исполнат своите обврски како земји гарантери во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Иран и Русија треба да ги исполнат своите обврски како земји гарантери во Сирија“, изјави Чавушоглу којшто беше гостин на уредничкиот деск на АА.
Ваквата негова изјава следуваше по неодамнешниот напад на режимот на Башар ал Асад врз умерените опозициски групи во северозападниот град Идлиб.
Тој укажа и на постоењето на подрачјата под опсада и додаде дека се отворени каналите кон Идлиб за цивилите да можат да стигнат.
„Но тоа им овозможи влез и на одредени вооружени терористички групи“, изјави Чавушоглу.
Според неговите зборови, Турција својот предлог за ослободување на Идлиб од терористичките групи го споделила со сите, како и дека потполното бомбардирање на градот не е исправно.
„Ако се случи тоа, зошто ги покренавме разговорите во Астана? Зошто разговараме во Сочи? Ни Женева нема смисла“, рече Чавушоглу.
„Доколку постои терористичка организација таму, овие групи како и нивната локација треба да бидат утврдени. Треба да се спроведат внимателни разузнавачки операции од копно или со технологија“, изјави шефот на турската дипломатија.
Чавушоглу потсети дека Иран и Русија се земји гарантери на режимот.
„Кога ќе ги погледнете прекршувањата, околу 95 отсто од нив ги вршат режимот или групите кои го поддржуваат режимот. Која е целта? Да се искористи овој процес и режимско уништување на умерената опозиција и цивилите?“, запраша Чавушоглу.
Тој изјави дека сириските режимски сили, ги напааѓаат умерените опозициски групи под изговор борба против терористичката група Ал Нусра.
„Ако вие сте гарантери (да вие сте), би требало да го спречите режимот. Ова не е обичен воздушен напад. Режимот напредува во Идлиб. Намерата тука е различна“, рече Чавушоглу.
Тој предупреди дека таквиот потег би можел да го саботира процесот на политичко решение во Сирија и нагласи дека Турција е гарантер на умерената опозиција.
Чавушоглу се осврна и на процесот во Сочи и повтори дека Турција нема да учествува на состанокот во тој град, доколку таму бидат претставниците на терористичката организација ЈПГ.
Министерот Шавушоглу зборуваше и за членството на неговата земја во ЕУ и додаде дека Турција нема да чека уште 50 години на членство.
„Ниту владата ни народот немаат трпение за тоа“, изјави Чавушоглу, и додаде дека министерката за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсел, ќе допатува во посета на Турција на 25 јануари.
Сирија е зафатена од жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост врз учесниците на продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, во Сирија се убиени над 250.000 лица, а над 10 милиони лица се раселени.