Nazlı Yüzbaşıoğlu
16 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека доколку се одржат демократски и веродостојни избори во Сирија (во случај да победи Асад), секој ќе треба да ја има предвид можноста дека ќе треба да работи со Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу учествуваше на специјалната сесија на 18. Форум Доха во Катар, чиј модератор беше водителката на „Си-ен-би-си“ (CNBC), Хедли Гембл.
Прашан дали би прифатил едно сценарио, доколку во иднината на Сирија би бил вклучен Асад, Чавушоглу рече: „Она што сега се обидуваме да направиме е да се формира устав на оваа земја. Тие самите (сирискиот народ) треба да формираат еден нацрт-устав.“
Чавушоглу нагласи дека оваа земја треба да се подготви за избори.
„Овој процес треба да биде под покровителство на Обединетите нации (ОН). Треба да биде сеопфатен. Секој треба да има право. Треба да го вклучи секого, оние во Сирија и оние во странство. Треба да ги вклучи оние кои во последните седум години биле раселени, и оние кои во мојата земја и во другите земји се наоѓаат како бегалци. Изборите мора да бидат веродостојни, транспарентни и демократски. По овие избори сирискиот народ треба да одлучи кој ќе владее со земјата“, додаде тој.
Прашан од Гембл за тоа дали доколку Асад би бил избран на овие избори, би работеле со него, Чавушоглу одговори: „Доколку се одржат демократски и веродостојни избори, тогаш секој треба да го има предвид тоа.“
Чавушоглу потсети дека до САД ја доставиле листата за испорачување на 84 лица припадници на терористичката организација ФЕТО, меѓу кои и на нејзиниот лидер, Фетула Ѓулен.
„Претседателот на САД, Доналд Трамп, во последната средба во Буенос Аирес на претседателот Реџеп Таип Ердоган му рече дека работат околу оваа тема, но ние треба да видиме конкретни чекори“, нагласи шефот на турската дипломатија.