Islam Uddin
10 Септември 2020•Ажурирано: 11 Септември 2020
АНКАРА
Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ денеска ја претстави својата најнова верзија на сопствениот развиен оперативен систем „Хармони“ (ХармониОС), кој претставува алтернатива на „Гугл-Андроид“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најновата верзија ја претстави директорот за бизнис со потрошувачите на „Хуавеј“, Ричард Ју Ченгдонг, на годишната конференција за развивачи на компанијата во јужниот кинески град Донггуан, јавува таблоидот „Глобал тајмс“.
Ваквиот потег се случи во период од помалку од една недела пред да стапи на сила забраната на „Хуавеј“ за користење на чипови наметната од страна на САД.
Минатиот месец Министерството за трговија на САД издаде обновена листа на правилата за ограничување на пристап на „Хуавеј“ на американската технологија.
Новото правило би спречило „Хуавеј“ да добие чипови развиени или произведени со американска технологија и софтвер од 15 септември.
Најновата верзија во ХармониОС, ЕМУИ 11 и својот екосистем, „Хуавеј“ мобилни услуги (HMS) Јадро (Core) 5.0, ќе им овозможи на своите производи непречено да се поврзат со другите, а која се смета за директен одговор на технолошкиот гигант на забраната која ја воведе администрацијата на Трамп.
„ХармониОС ќе се користи во паметните телефони наредната година“, изјави Ју.
Тој рече дека и покрај рестрикциите на Вашингтон кон „Хуавеj“, компанијата во првата половина на 2020 година забележала испорака на 105 милиони паметни телефони.
„И покрај забраната на САД, „Хуавеј“ забележа испорака на 105 милиони паметни телефони во првата половина на 2020 година, со тотален приход од 255,8 милијарди јуани (37,4 милијарди долари)“ - „Глобал тајмс“ го цитираше Ричард Ју Ченгдонг.
Кинескиот гигант моментално има 1,8 милион развивачи и 490 милиони активни корисници на својот екосистем, што го прави трет најголем мобилен екосистем.
Кинеските аналитичари веруваат дека „Хуавеј“ сега може да се спротистави на американските санкции.
„Треба да имаме предвид долгорочна перспектива за оваа битка, од 5 до 10 години. Следните години сигурно ќе бидат тешки за „Хуавеј“, но со засилување на своите напори, компанијата, заедно со кинескиот високотехнолошки сектор, ќе стане посилна“, изјави за таблоидот Фанг Сингдонг, основач на технолошкиот тинк-тенк „Чајна лабс“ (ChinaLabs), со седиште во Пекинг.