Fatma Eda Topcu
25 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското борбено беспилотно летало Бајрактар АКИНЏИ Б, опремено со два мотора со по 750 коњски сили, успешно ги заврши тестовите за гаѓање со тежок товар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Селчук Бајрактар, челникот на компанијата Бајкар, турската одбранбена компанија специјализирана за беспилотни летала и вештачка интелигенција, на Твитер објави уште еден успех на борбеното беспилотно летало Бајрактар АКИНЏИ Б.
„Бајрактар АКИНЏИ Б успешно ги заврши тестовите за гаѓање со тежок товар на голема висина и со комплетот за наведување ТЕБЕР-82“, истакна тој.
Турското беспилотно летало Бајрактар АКИНЏИ Б, опремено со два мотора од по 750 коњски сили, претходно овој месец го собори сопствениот рекорд на лет и го потврди успешниот проект АКИНЏИ што го спроведува компанијата Бајкар под раководство на Дирекцијата за одбранбена индустрија при турското Претседателство.
Од компанијата Бајкар тогаш соопштија дека борбеното беспилотно летало Бајкар АКИНЏИ Б по трет пат го соборило сопствениот рекорд во висина на лет и дека подвигот е остварен при тестирање на издржливост, висина и брзина.
Тестирањето е изведено во Центарот за летање, обука и тестирање на полигонот на аеродромот во Чорлу, а Бајрактар АКИНЏИ Б изведе лет во траење од 20 часа и 23 минути, достигнувајќи рекордна височина од 45.118 стапки (13.716 метри).