Fatma Bülbül
26 Јули 2016•Ажурирај: 27 Јули 2016
АНКАРА (АА) - Лидерот на главната опозициска партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, изјави дека свештеникот Фетулах Ѓулен, обвинет дека стои зад неуспешниот обид за државен удар, мора да биде есктрадиран, јавува Anadolu Agency (AA).
„Доколку Фетулах Ѓулен вели: 'Сакам да бидам ослободен', тој треба да дојде и кривично да биде гонет од независните судови на Турција“, изјави за новинарите водачот на опозициската партија, Кемал Киличдароглу, по посетата на полициски објект во областа Ѓолбаши во Анкара.
Обидот за државен удар се случи на 15 јули кога непријателските елементи на турската војска се обидоа да ја соборат демократски избраната власт во земјата.
Турција го обвинува Ѓулен и неговата „паралелна структура” дека стои зад овој обид и повика тој да биде испорачан во Турција за да се соочи со судењето.
На 18 јули, државниот секретар на САД, Џон Кери, во Брисел изјави дека неговата земја има „формален процес за справување со барањата за екстрадиција” и дека Турција „мора да испрати докази, а не обвинувања”.
На 19 јули, Турција испрати четири досиеја до властите на САД во врска со екстрадицијата на Ѓулен.
Киличдароглу изјави дека е многу важно за турскиот народ да ја покаже својата чувствителност кон обидот за државен удар со излегувањето на улиците.
Луѓето уште од почетокот на државниот удар низ целата земја почнаа да излегуваат на улиците, извикувајќи слогани за демократијата и против обидот за државен удар.
Турската Влада постојано повторува дека смртоносниот заговор, во кој загинаа најмалку 246 лица, а повеќе од 2.100 се повредени, е организиран од страна на следбениците на Ѓулен.