Husamedin Gina
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски, истакна дека во рамките на ИПА 1 и ИПА 2 – програмата за прекугранична соработка, Северна Македонија и Косово досега имаат имплементирано вкупно 20 проекти од кои 18 се целосно завршени, а 2 се во фаза на реализација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милевски и министерот за регионален развој на Косово, Фикрим Дамка, денеска одржаа состанок во Скопје.
Пред состанокот Милевски и Дамка дадоа изјави за медиумите осврнувајќи се на прекуграничната соработка меѓу двете земји во рамките на ИПА-програмата на Европската Унија.

Потсетувајќи дека Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија и Министерството за регионален развој на Косово, минатата година потпишаа Меморандум за соработка во областа на регионалниот развој, Милевски рече дека досега меѓу двете земји имплементирани се проекти за прекугранична соработка во вредност од 7,4 милиони евра.
„Ние како две држави соработуваме меѓусебно во регионалниот развој уште од 2010 година со ИПА 1 и ИПА 2 – програмата за меѓугранична соработка. Досега се имплементирани 20 проекти од кои 18 целосно, а 2 се во фаза на имплементација во вредност од 7,4 милиони евра“, нагласи министерот Милевски.
Наведувајќи дека во средината на март ќе биде објавен уште еден повик во вредност од 3 милиони евра, Милевски додаде дека тоа ќе даде нова можност за општините и невладините организации од двете земји да работат на заеднички проекти од областа на заштитата на животната средина, заштитата на културното наследство и за развој на туризмот.
Министерот за регионален развој на Косово, Фикрим Дамка, истакна дека денеска на состанокот ќе се разговара за имплементација на Меморандумот за соработка потпишан минатата година меѓу двете држави.
„Овде сме за да ги разгледаме можностите за имплементација на проектите од европската заедница со меѓусебна соработка на двете земји. И да споделиме добри практики кои ги имплементираме како Министерство за регионален развој на Република Косово и Министерство за локална самоуправа на Северна Македонија“, рече Фикрим Дамка.
Од средствата од ИПА-програмата на ЕУ за прекугранична соработка, Северна Македонија и Косово заедно го имаат реализирано стратешкиот проект граничниот премин „Белановце – Станчиќ“.