Ekip
27 Јули 2016•Ажурирај: 28 Јули 2016
ФИЛАДЕЛФИЈА (АА) - Американскиот претседател Барак Обама стравува дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп кому, како што рече тој „му недостига основно познавање за светот”, би можел да стане нов американски претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Обама во интервјуто за телевизијата Ен-би-си истакна дека е „страшно да се има за претседател некој што не ја знае својата работа и не покажува никаква заинтересираност да го научи она што не го знае”.
„Ако погледнете која било негова прес-конференција за медиумите или слушнете која било од неговите дебати, основното познавање за светот или за тоа што претставува нуклеарна тријада и каде се наоѓаат одредени земји, како и разликата меѓу сунитите и шиитите во муслиманскиот свет - се основни работи што тој не ги знае и изгледа дека не посветува премногу време за да научи за нив”, објасни Обама.
Американскиот претседател исто така им порача и на демократите да бидат загрижени, бидејќи како што рече тој „кој и да ја започне кампањата без стрaв, може на крајот да изгуби”.
„Мојот совет за демократите, иако не треба да се даваат совети на Хилари Клинтон, бидејќи таа веќе го знае тоа – е да бидат загрижени сѐ додека трае гласањето и додека гласовите не се пребројат бидејќи една од опасностите на ваквите избори е тоа што луѓето не го сфаќаат сериозно. Тие остануваат во своите куќи, а тогаш на крајот го добиваме неочекуваното“, изјави Обама.