Abdulbesar Ademi
28 Октомври 2022•Ажурирај: 29 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во врска со отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград истакна дека нема да учествува на церемонијата за отворање на овој клуб, како што рече тој, од истата причина поради која не учествувал на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
На брифингот за медиуми Османи нагласи дека целиот процес на меѓусебно отворање клубови треба да се врати на нормални патеки, а не да биде во духот на меѓусебен натпревар.
Според него, кога дознал кој го финансирал македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, јасни му биле сите аспекти за отворањето.
„Тоа е една фондација од Канада којашто има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата, ќе видите дека не е во функција на стратешките интереси на државата. Така што, не очекувам да биде и во функција на интересите на граѓаните или на односите. Апсолутно не зборувам дека немаат право да отвораат клубови. Сакам да кажам дека не ми се допаѓа оваа тенденција да се злоупотребуваат граѓаните, да се злоупотребуваат заедниците овде и таму од политички актери“, рече Османи.
Тој истакна дека политичарите сега бараат простор за некаква агенда и дека тоа не е пат по кој треба да се оди. Според Османи, „не треба да се дозволи некој да ја киднапира агендата“.
„Јас нема да одам од истите причини поради кои не отидов на отворањето на клубот во Охрид. Затоа што сметам дека ниту едниот ниту другиот, ниту тој во Охрид ниту тој во Благоевград, прават услуга на бугарската заедница овде, односно на македонската заедница таму. Затоа што тоа не е ставено во еден процес кој се одвива во духот на пријателството, во духот на соработката, во духот на промовирање на вредностите на заедниците овде и таму“, додаде министерот Османи.
Покани за учество на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград в недела добија и премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски, но ниту една од страните не го потврди своето учество.
Потсетуваме, отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид предизвика реакции кај локалните македонски граѓани кои излегоа на протести. Тие рекоа дека не се против отворање на вакви клубови, но се против името на клубот.