Abdula Berisha
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, ја одржа последната средба со новинарите пред одморот предвиден за месец август, кога работата на Собранието е на пауза, јавува Агенција Анадолија (AA).
Спикерот Џафери рече дека вкупниот број пленарни седници свикани на овој парламентарен состав, избран во 2020 година, е 83. Од нив, 54 седници се завршени, а 29 се сѐ уште незавршени.
„Во овие вкупно 83 седници, имало 973 точки на дневен ред. Неразгледани точки се над 80 затоа што комисиите не одржале седници иако биле создадени услови за нивно разгледување, иако имале обврска според деловникот во определен рок да ги разгледаат“, рече Џафери.
Тој се пожали на функционирањето на собраниските комисии и претседателите на комисиите, нагласувајќи дека има случаи со одредени точки од дневниот ред кои речиси две години стојат неразгледани во матичните собраниски комисии.
Според Џафери, и покрај овие пречки, Собранието одобрило околу 90 отсто од вкупниот број точки на дневниот ред.
Запрашан за блокирањето на работата на Собранието од страна на опозицијата, како и за несогласувањата во владината коалиција, Џафери потсети дека имало случаи кога не можело да се обезбеди кворум за работата на Собранието.
Тој изјави дека е подготвен да предложи распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори доколку се повторат вакви случаи.