Rabia İclal Turan
19 Септември 2023•Ажурирај: 20 Септември 2023
ЊУЈОРК (АА) - Туркије има можност да изгради нов свет со чекорите преземени во Проектот на ирачкиот развоен пат, кој ги поврзува Јужен Ирак и Туркије, изјави вчера претседателот Реџеп Таип Ердоган, известува Анадолу.
Зборувајќи на Самитот Конкордија во Њујорк, каде што учествува на состаноците на Генералното собрание на ОН, Ердоган рече: „Со такви чекори ќе имаме можност да изградиме нов свет.“
„Видовме дека земјите од заливот се многу одлучни, и ние сме одлучни“, рече Ердоган.
Претседателот на Туркије додаде дека таа одлучност ја видел и кај САД, Германија, но и кај Јапонија.

Запрашан за улогата на Туркије како членка на НАТО и нејзините национални интереси, како и за геополитичките тензии, Ердоган рече дека неговата земја е една од најстарите членки на НАТО и дека истовремено е една од петте клучни земји во Алијансата.
„Туркије е земја што стриктно ги исполнува обврските во рамките на НАТО“, рече Ердоган и додаде дека неговата земја ќе продолжи да го извршува својот дел од работата.
Што се однесува на турско-американските односи, Ердоган рече дека во Анкара и Вашингтон имаат „повеќедимензионални односи“, од подрачјето на безбедноста до трговијата, напоменувајќи дека имаат трговски обем од над 32 милијарди долари.
За своите напори да го обнови Договорот за црноморското жито, Ердoган рече дека во текот на состаноците со рускиот претседател Путин претходно овој месец разговарале за испорака на милион тони жито во африканските земји.

Ердоган рече дека предложил зголемување на количеството на жито, велејќи му на Путин дека „милион тони“ не е доволно. Двајцата лидери се согласиле да го продолжат процесот на „телефонска дипломатија“, додаде Ердоган.
Запрашан за светската бегалска криза, Ердоган рече дека некои земји, вклучувајќи ги тука и САД и Германија, се позитивни во својот пристап кон бегалците.
Ердоган рече дека Туркије, во која во моментов живеат 5 милиони бегалци, продолжува да прима лица кои се присилени да ја напуштат својата земја.

Тој додаде дека Туркије го охрабрува безбедното и доброволно враќање на сириските бегалци, напоменувајќи дека работи на изградба на куќи во севернот дел на Сирија со поддршка на Катар.
„Со завршувањето на трајното станбено згрижување, милиони Сиријци ќе можат да се вратат во својата земја, а досега околу 600.000 почнаа да се враќаат“, додаде Ердоган.