Tufan Aktaş
27 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
КИГАЛИ (АА) - Во Демократска Република Конго (ДРК), на демонстрациите на кои се бара повлекување на мировниците на Обединетите нации (ОН) од земјата, досега загинаа 17 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Независната мониторинг-група за безбедност Киву, која ја следи безбедносната ситуација во источниот дел на ДР Конго, објави дека пред неколку дена во градот Гома загинале 6 демонстранти, а во градот Бутембо вчера се убиени 8 демонстранти и тројца вработени во ОН.
Во соопштението се наведува дека се ограбени и запалени најмалку три бази на ОН, додека во Гома се повредени 127 лица.
Мисијата на ОН за стабилизација на ДРК (МОНУСКО) го потврди бројот на загинати.
Демонстрантите тврдат дека и покрај фактот што силите на ОН со години се на должност во земјата, тие донеле немири во регионот наместо стабилност.
Мисијата на ОН во ДР Конго ја сочинуваат 14.000 мировници.
Источниот дел на ДРК, кој се граничи со Руанда, Уганда и Бурунди, е место на напади и судири на вооружени групи кои веќе 20 години се обидуваат да ги контролираат рудниците на злато и кобалт.