Sümeyye Dilara Dinçer
27 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Јапонија и Индонезија се договорија за подобрување на односите на полето на поморската безбедност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јапонскиот премиер Фумио Кишида и индонезискиот претседател Јоко Видодо, по средбата во Токио, главниот град на Јапонија, дадоа изјави за медиумите.
Кишида истакна дека Јапонија ќе обезбеди поддршка за одржување на мирот и безбедноста во Индопацифичкиот Регион и зајакнување на поморскиот безбедносен капацитет на Индонезија.
Тој рече дека неговата земја на Индонезија ќе ѝ позајми 318 милиони долари за проекти во инфраструктурата и превенција од катастрофи.
Претседателот на Индонезија, Видодо, поздравувајќи ги новите инвестиции на Јапонија, побара поддршка за нова технологија, вклучувајќи чиста енергија, инфраструктура, фармацевтски производи, земјоделство и природни ресурси.
„Конкретно, ја поканувам Јапонија да ја поддржи Индонезија во забрзувањето на целта за постигнување нулта емисија на јаглерод и да даде поддршка за иновативни технологии како што се технологијата на водород и амонијак“, додаде Јоко Видодо.
Двајцата лидери соопштија дека се договориле да ја зајакнат соработката за поморската безбедност, климатските промени, енергетиката и инвестициите.
Видодо, кој вчера замина во официјална посета на Кина, се сретна со претседателот на Кина, Си Ѓинпинг.
Видодо и Си, исто така информираа дека се договориле за развој на соработката и стратешкото партнерство меѓу двете големи земји во развој.
Истакнувајќи дека Видодо е првиот претседател што ја посети Кина по Зимските олимписки игри во Пекинг во февруари, Си додаде дека тоа е показател за силната врска и развојот на билатералните односи меѓу двете земји.