Ekipa
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
КАБУЛ (АА) - Американската централна команда (CENTCOM) објави дека Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град на Авганистан е безбеден и отворен за цивилниот воздушен сообраќај кој работи според одредени правила на летање, пренесува Aгенција Анадолија (АА).
Во соопштението на командантот на Американската централна команда (CENTCOM), генерал Френк Мекензи, се наведува дека американските воени контролори на летање забрзано ги зголемуваат операциите за да обезбедат непречен проток на војници до аеродромот и евакуација на цивилите од САД и партнерите во координација со Стејт департментот.
„Видов од прва рака како се одвива нашата одбрана и работата што ја прават нашите сили за ефикасно управување со аеродромот, обезбедувајќи безбедно движење на цивилите и дипломатите кои го напуштаат Кабул“, рече генералот Мекензи.
Според CENTCOM, Мекензи, високиот американски воен командант за регионот, одговорен и за операциите во Авганистан, се состанал со високи лидери на талибанците во Доха во неделата и ги предупредил да не се мешаат во нивната евакуација и им ставил до знаење дека секој напад ќе биде соочен со „огромна сила во одбраната на нашите сили“.
„Заштитата на американските цивили и нашите партнери е мојот највисок приоритет и ние ќе ги преземеме сите неопходни активности за да обезбедиме безбедно и ефикасно повлекување. За таа цел, ние сме подготвени целосно да ги поддржиме напорите на Амбасадата на САД за процесирање и евакуација на американските државјани, партнери, специјалните кандидати за виза и Авганистанците во ризик“, додаде тој.
Вчера, висок американски дипломат во Авганистан ги отфрли извештаите за бегство од земјата опустошена од војната. Во кратката објава на Твитер, Рос Вилсон, вршител на должноста во Амбасадата на САД во Исламската Република Авганистан, рече дека тој и неговиот персонал остануваат во Кабул и работат на помагање на илјадници американски граѓани и ранливи Авганистанци.
„Персоналот на Амбасадата на САД во Кабул и јас остануваме во Кабул и работиме напорно за да им помогнеме на 1000 американски граѓани и ранливата категорија Авганистанци и ги продолжиме активностите тука. Нашата посветеност кон авганистанскиот народ останува“, напиша тој на Твитер.
По ужасните сцени во понеделникот на Меѓународниот аеродром во Кабул, кога илјадници очајни патници упаднаа на пистата и се држеа за воените и патничките авиони, Амбасадата на САД издаде соопштение во кое ги моли потенцијалните патници да не брзаат да доаѓаат на аеродромот, доколку не бидат известени.
Летовите од аеродромот беа прекинати, а толпа од стотици илјади чекаа нервозно.
Талибанците во неделата ја презедоа контролата врз Кабул и се во процес на формирање на власта во Авганистан.