Betül Yürük
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
ЊУЈОРК (АА) - Во војната на Соединетите Американски Држави (САД) во Авганистан, која траеше 20 години, загинаа повеќе од 2.400 американски војници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во врска со евакуацијата на САД од Кабул, што завршува на 31 август, Асошиејтед прес направи проценка за војната што ќе завршува по 20 години.
Влегувањето на САД во Авганистан по терористичките напади на 11 септември 2001 година предизвика големи загуби кај двете земји, а во војната животот го загубија повеќе од 172.000 лица.
САД во војната што траеше 20 години загубија 2.448 војници, додека бројот на загинати Авганистанци што работеа за САД изнесува 3.846.
Најпогодени од војната беа авганистанските цивили, од кои животот го загубија 47.245 лица.
Во 20-годишната војна, од редовите на авганистанската Армија, која беше поразена од талибанците, загинаа 66.000 војници, додека од страната на талибанците и другите опозициски борци, животот го загубија 51.191 лице.
Во оваа војна загинаа 1.144 војници на НАТО и други земји кои служеа во Авганистан.
Досега во Авганистан животот го загубија 444 хуманитарни работници и 72 новинари.
Иако најдолгата војна во САД завршува со повлекувањето на американските војници од Авганистан, Американците ќе продолжат да ја плаќаат билионската цена на војната.
Трошоците за војните во Авганистан и Ирак, кои САД ги финансираа со позајмување до 2020 година, надминуваат 2 билиони долари, а се очекува каматата за ова задолжување да достигне 6,5 билиони долари до 2050 година.