Rabia İclal Turan
17 Декември 2020•Ажурирај: 18 Декември 2020
ВИЕНА
Коалициската Влада во Австрија вчера го ревидира контроверзниот Нацрт на антитерористичкиот закон, користејќи ја фразата „верски мотивиран екстремизам“, наместо „политички ислам“, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот на Кабинетот, министерот за внатрешни работи, Карл Нехамер, министерката за правосудство, Алма Задиќ и министерката за интеграции, Сузан Раб, објавија пакет антитерористички мерки еден месец откако нивниот главен град Виена е погоден од терористички напад.
Министерот за внатрешни работи, Нехамер, рече дека ќе биде составена „листа на тероризам“, доколку законодавците усвојат нов нацрт-закон.
Додаде дека постоечкиот Закон за симболи во таа земја од 2014 година исто така ќе биде ревидиран така што ќе вклучува симболи на расистички движења.
Министерката Задиќ изјави дека таа земја ќе ја користи фразата „верски мотивиран екстремизам“, наместо „политички ислам“ во борбата против екстремизмот, што е термин кој австрискиот канцелар Себастијан Курц претходно го истакнуваше како кривично дело, со што предизвика остра полемика и критика на муслиманските заедници во земјата.
Исто така рече дека лицата кои се осудени или пуштени со кауција поради обвиненија за тероризам ќе носат електронска нараквица, додавајќи дека за мерките за заштита и превенција против тероризмот предвиден е буџет од шест милиони евра.
Измените на Законот ќе овозможат исто така нова правна основа за полесно и побрзо затворање на џамиите за кои се смета дека се радикализирани.
Новиот Нацрт-закон ќе се разгледува шест седмици, пред да биде финализиран.